речник контакт

Заврши изградбата на гасоводот од Неготино до Битола, природниот гас може да се користи како енергенс од следната година

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски најави дека се работи на проектирање на делниците Свети Николе - Велес, Гостивар - Кичево, Гостивар - Охрид

Петар Печков

Завршија градежните работи на гасоводот од Неготино до Битола во долина до 92 км, со што тој се спои со постојниот до Клечовце, во вкупна должина од 188 км.  Во тек е постапка на избор на приватен партнер за дистрибутивна мрежа на природен гас, која треба да заврши во првата половина на следната година со што  поголем број корисници   во Македонија ќе можат  да го  користат  овој енергенс.  

„Денес ја заваривме последната спојка на оваа цевка и со тоа завршуваат градежните работи.  Со тоа во пракса целата делница од Клечовце до Битола е споена во една мрежа. Очекувам  дека во втората половина на следната година ќе добиеме  употребна дозвола на целата делница и наредната зима, овој регион ќе има можност да се вклучи и користи природен гас“ - кажа Бајрам Реџепи директор на Национални енергетски ресурси АД.  

На оваа делница  Неготино - Битола, има изградено крак до Фени,  една пречистителна станица за природниот гас,  шест блок станици и три мерно регулациони станици - во Фени, Прилеп и Битола.

Претходно завршена е делницата Штип - Неготино од 36 км. додека делницата Скопје - Тетово- Гостивар во должина од  76 и кракот кон  Тетово биле во завршна фаза.  Се најавува дека од средината на следната година ќе започне изградба на   интерконективен гасовод  со Грција, па земјава ќе има два извори на природен гас.  Македонија со природен гас се снабдува преку гасоводот кој е поврзан со соседна Бугарија.

„Од овој гасовод придобивки ќе имаат и граѓаните и економијата, со помала загаденост, заштита на животната средина,  намалување на цените на енергенсите  и зголемување на конкурентноста на компаниите“ - кажа премиерот Ковачевски.  

Вредноста на овој проект кој го поврзува централниот дел од државата со Пелагонискиот Регион изнесува преку 36 милиони евра и претставува една од најзначајните капитални инвестиции.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски најави дека се работи на проектирање на делниците Свети Николе - Велес, Гостивар - Кичево, Гостивар - Охрид.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »