Петар Печков
Објавено: четврток, 04 август 2022
Еден месец траеше 11-тата меѓународна школа за археологија, која се одржува во локалитетот Стоби. Неа ја посетуваа дванаесет студенти од Канада, САД и Австралија, кои беа дел од тренинг програмата за изучување на основните методи на археолошко ископување и изработка на теренска документација.
„Посетителите работеа на теренски дневник, фотографија, фотограметрија, техничка документација, локус листи и теренски инвентар. Истражувањата се одвиваа на просторот меѓу Теодосијанската палата и т.н. Затвор, при што беа ископувани два објекти кои егзистирале на крајот од доцната антика и раниот среден век. Овие градби се одвоени со улица од Теодосијанската палата и во својата архитектура ги користат ѕидовите на т.н. Затвор. Истражувањата на овој простор започнаа во 2014 година како дел од интернационалната археолошка школа“ - кажа Спасе Перовски директор на НУ Стоби.
Школата се одржа во текот на месец јули. Таа е дел од партнерството со бугарската невладина организација „Балканско наследство“ и работи од 2010 година. Покрај теренската работа, посетителите слушаа предавања за римската историја и археологија на подрачјето на Македонија, а имаа и едукативни посети на Охрид, Битола и Скопје и изборна посета на Пела и Вергина.
„Цел на археолошките истражувања на овој простор е документирање на релацијата меѓу Теодосијанската палата и т.н. Затвор, како и истражување на „Затворот“ со што ќе се дефинира неговата намена, периодот на изградба и периодот на функционирање. Во 2019 година, за време на неговото истражување во рамките на школата, беше откриена мермерна скулптура на Дионис која потекнува од 2-3 век, но во 6-7 век била употребена како градежен материјал во ѕидовите“ - додава Перовски.
Школата се финансирана од донациите на учесниците, а ја реализираа стручни лица од НУ Стоби, невладината „Балканско наследство“ од Софија и универзитетот Квинс во Канада.
Tweet |