Петар Печков
Објавено: понеделник, 30 мај 2022
Врачени беа дипломите кои ги добија кандидатите кои посетуваа обука за домашна нега на повозрасните граѓани, болни или изнемоштени. Проектот насловен „Ублажување на ефектите и последиците од Ковид 19 врз најранливите во општеството“ со акцент ставен на постарите лица, го реализираше Општинската организација на Црвен крст, како лиценцирана организација. Финансиски проектот е поддржан од Австриски црвен крст. Сертификат добија 15 лица.
„Ова е прва обука за негуватели на стари лица по пауза од една деценија, организирана од страна на Црвениот крст. Лицата кои добија сертификати се невработени, кои со овој документ ќе си го најдат местото на пазарот на трудот и ќе бидат соодветно ангажирани за нега на стари лица. Обуката се одвиваше по прифатени стандарди верификувана програма, опфати 250 наставни часа, во три модули. Кандидатите го положија завршниот тест со што се стекнаа со потребните знаења и вештини во иднина да работат како негуватели на стари лица“- кажа Орце Николов, секретар на ОО Црвен крст Велес.
Обуката започна на 15 февруари и траеше до 10 мај.
„Искрена да бидам, се пријавив најмногу од хуман аспект. Сакам ова да го работам, сакам да донесам радост и поголем зрак светлина на некому кому му е потребно. Реално гледано градинките се празнат ама старечките домови се полнат“ - изјави Љубенка Стефановска, една од кандидатите кои посетуваа обука и доби сертификат.
Предавачи беа четири стручни лица- доктор, медицинска сестра, социјален работник и специјален едукатор/дефектолог“.
„Се надевам дека тоа што го предвидовме и го реализиравме а оваа обука ќе ви остане во убаво сеќавање. Дека кога ќе започнете со работа, тоа што тука го научивте, ќе ви биде корисно“- изјави Нада Трајкова социјален работник.
„Со голем интерес ги следевте предавањата и практичниот дел. Се надевам дека се стекнавте со искуство и нови знаење, кои ќе ви послужат за натаму. И во најкус рок дека ќе ги користите во пракса“- дополни Тања Јаковлевска медицинска сестра.
„Да се заблагодарам за вниманието со кое ги следевте предавања. Тоа беше успешна, бидејќи покажавте интерес. Искрено се надевам дека ќе соработуваме и натаму, ќе се пронајдете во тоа што ќе го работите и ќе ви носи задоволство“ кажа д-р Јадранка Мишкова.
Tweet |