Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 мај 2017
Заврши реконструкцијата во Основното училиште „Свети Кирил и Методиј“. Во последната фаза се изврши обнова на фасадата на стариот објект, а се заменети и подовите во 15 училници. Градежните зафати се извршени според сите стандарди, а со тоа значително се издигнати условите за настава на повисоко ниво.
Нескромно ќе кажам, дека ова е едно од најубавите училишта не само во Велес туку и во целата држава. Условите за настава сега се одлични. Тоа е голема придобивка за учениците, но и за нас вработените – изјави Анита Мирчева директор на ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
Градежните зафати се извршија преку Министерството за образование. Инвестицијата изнесува 3,3 милиони денари, средства кои се дел од проектот „Реконструкција на средни и основни училишта во Република Македонија“.
Истовремено со средства на Општина Велес е извршена реконструкција во топловодниот систем во училиштето, со што се надминати проблемите околу затоплувањето. Монтиран е нов парен котел со поголема моќност од претходниот.
Овој проект е продолжување на претходниот со кој беа рехабилитирани кровот, двете згради на училиштето, подовите, надворешната столарија и фасадата на поновиот објект. Таа инвестицијата изнесуваше 5,9 милиони денари. Во наредниот период преостанува да се уреди спортската сала во ОУ Св. Кирил и Методиј.
Tweet |