Петар Печков
Објавено: петок, 18 ноември 2022
Заврши санација и реконструкција на железничкиот патен премин кај Стар мост, од понеделник започнува на преминот за Горно Оризари, информираа од MЖ Инфраструктура. Тоа беше четвртиот премин, кој за 15 месеци се обнови во Велес.
Останува уште во текот на утрешниот ден, сабота локална власт да го асфалтира приодот од преминот. Се очекува дека со овој зафат значително ќе се подобри безбедноста и квалитетот на сообраќајот во овој дел од градот.
Од понеделник, 21 ноември година ќе се продолжи и со санација и реконструкција на железничкиот патен премин за Горно Оризари. Таа ќе се врши со елементи од рециклирана гума. Градежните работи во целост би требало да бидат завршени за седум дена, до понеделник, 28 ноември.
„Во текот на изведувањето на градежните работи ќе се воспостави времена измена на режимот на одвивање на сообраќајот на овој патен правец. За целото времетраење на изведувањето на работите пристапниот пат кон Горно Оризари во целост ќе биде затворен за секаков вид на сообраќај со поставена соодветна сообраќајна сигнализација согласно проект за времен режим на сообраќај. Сообраќајот ќе биде пренасочен и ќе се одвива преку пристапниот асфалтен пат од кај поранешна „Порцеланка“- соопштија од локалната власт.
Реконструкцијата се изврши со пола - пола средства обезбедени од Општина Велес и Македонски железници Инфраструктура.
Општина Велес со апел до граѓаните да ја почитуваат поставената сигнализација и да покажат трпение и разбирање во интерес на безбедно и квалитетно завршување на работите.
Досега беа реконструирани железничките патни премини кај фабриката Киро Ќучук, на мостот Гемиџии, за месноста Дворови и на Стар мост. Следната година останува преминот на Штипска рампа.
Tweet |