речник контакт

Завршија годинашните активности на театарот во Стоби (видео)

Проектот за археолошки истражувања и конзерваторскo - реставраторските зафати е финансиран од годишната програма на Министерството за култура за 2018 година со 1,3 милиони денари

Петар Печков

Заврши деветтата сезона на археолошки истражувања и шестата последователна сезона од Проектот за конзервација и реставрација на театарот во археолошкиот локалитет  Стоби. Годината овие две активности се одвиваа  во периодот од 15-ти август до 15-ти ноември 2018 година.

Археолошките истражувања се одвиваа на просторот од супструкцијата на горниот сегмент од гледалиштето  -summa cavea , поточно меѓу два радијални ѕида. Целта на истражувањата е да се утврди од кое ниво е подигнат овој дел на театарот, како функционирале коридорите под седиштата кои служеле за циркулација на публиката и како бил користен просторот по напуштањето на објектот - објаснуваат надлежните од НУ Стоби.   

Со истражувањата во 2018 година биле констатирани подни нивоа од средниот век и доцната антика  и документирани и слоеви кои укажуваат на напуштеност на театарот и натрупување на градежен шут. Радијалните ѕидови се откриени во височина од околу 3,5 метри и сè уште продолжуваат длабоко надолу. Се очекува нивната сочувана височина да достигне најмалку 5 метри. 

Конзерваторскo -реставраторските зафати на театарот беа фокусирани на источниот крај на долниот сегмент од гледалиштето -ima cavea. Тука беа конзервирани и реставрирани внатрешното лице на источната аналема, арката и сводот на спојот меѓу источниот радијален коридор и централниот циркуларен коридор, како и преостанатите 10-ина метри од сводот над централниот циркуларен коридор - додваат од НУ Стоби.

Со тоа, реставрацијата на ѕидаријата во источната половина на ima cavea e доведeна во завршна фаза, односно преостанува уште реставрацијата на лежиштата за седишта. Во текот на следната сезона, во 2019 година, овој дел од театарот целосно ќе биде подготвен за реконструкција на мермерните седишта со враќање на стари оригинални блокови и нови блокови по урнек на старите. Мермерот ќе биде донесен од прилепско, од каде бил носен и при градбата.  

Проектот за археолошки истражувања и  конзерваторскo -реставраторските зафати е финансиран од годишната програма на Министерството за култура за 2018 година со 1,3 милиони  денари, а активностите се реализирани од стручен тим на НУ Стоби, надворешни соработници и членови на студентското здружение „Аксиос“. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »