Петар Печков
Објавено: петок, 25 април 2014
Опозицијата од синоќешниот митинг во Велес побара граѓаните в недела да излезат масовно на избори и да ја делегитимираат сегашната власт. Кандидатите и раководството на СДСМ понудија нов концепт за развој на земјата во следенети години, како што рекоа различен од досегашниот.
Граѓаните работат, мака мачат а пари немаат. Парите се кај Груевски и семејството извлечени од Македонија. Вака повеќе не смее да биде. Променети им се насушно потребни на сите нас. Осум години лаги и манипулации преку телевизиите слушаме дека тече мед и млеко а вистината е лелек и плач. Излеговме на изборите со чесен концепт и искрен пристап. Со сите криминали кои деновиве им ги извадивме, состојбата сега е нула - нула. На граѓаните им нудиме концепт ,,Да ја вратиме средната класа,, и затоа бараме поддршка за нов почеток, за промени, за нова надеж, за сите во Македонија.
Системската контрола на власта е тоа што влијаеше на резултатите. Притисок врз јавна администрација, уцени на приматели на социјална помош, земјоделците кои се плашат да не` ги добијат субвенциите, пензионерите да не ги изгубат пензиите. Имаме поткупување на гласачите. Македонија е пред бездната. Ако еден месец никој не купи благајнички записи нема пензии, ако не се добие кредит отидоа платите за јавна администрација.
Првата придобивка која граѓаните ќе ја почувствувате од новата власт на СДСМ се вика слобода. Да не се плашиме од власта, туку таа да се плаши од народот. Освета и реваншизам нема да има. Но врвот на власта ќе одговара за криминалот а парите ќе ги вратат назад. Лажат дека имало 120 илјади нови вработувања. Ако е така ќе имаме бруто домашен производ од 16 отсто а не од само 2 отсто. Кој тоа лаже за да се спаси а сите лаги се струполија врз грбот на сите граѓани – рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Тој порача дека ако му се даде уште еден мандат на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, ќе сме ја изгубеле државата. Заев најави дека ако дојде на власт прво што ќе проработи во Велес е фабриката за цигли Киро Ќучук. Носителот на листата на ИЕ З Марјанчо Николов најави дека новата Влада на СДСМ ќе го реши прашањето на стечајците, сите што не добиле надомест со Законот од 2008 и од 2014-та.
Месечни стечајни примања ќе добијат сите со 15 години стаж, жени со 50 години а мажи со 53 години возраст. Ќе ја вратиме и евтината струја. Ќе го вратиме стариот закон за пензионирање, мажите ќе одат со 40 години а жените 35 стаж. Ќе ја воведеме државната социјална пензија, жените со 62 а мажите со 64 години возраст ќе добиваат пензија во висина од 40 отсто од просечна плата – вети Николов.
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека е потребно што поголема излезност на изборите заради победа на опозицијата а ги повика Албанците да не бојкотираат.
Нема шанса да признаеме избори во кои ќе не изманипулираат и ќе ни кажат дека повторно сме послаби од нив, кога расположението на народот е јасно проопозиционо. Мораме да кажеме стоп на оваа забегана власт. Не дај Боже уште некоја година со истиве луѓе на чело на Македонија, отидевме во провалијата – рече Пендаровски. Тој на гласачите Албанци им порача дека ако го бојкотирале и вториот круг на претседателските избори, ќе го имаат истиот претседател кој беше и досега а за кого не дале ниту еден глас ниту во 2009-татата.
платен политички простор
Tweet |