Петар Печков
Објавено: четврток, 27 февруари 2020
Започна реконструкцијата на Градскиот стадион ,,Зоран Паунов,, во Велес. Вредноста на проектот е 12,2 милиони денари, обезбедени од Агенцијата за млади и спорт. Во наредните осум месеци ќе се работи на трибините од источната страна од кај Градскиот парк и на клупските простории.
Една од големите ветување беше дека овој стадион ќе се реконструира и ќе ги задоволува потребите на спортистите -фудбалерите и на граѓаните -гледачите. Иако рокот на изведба е осум месеци, се надевам дека работите ќе завршат пред почетокот на следната фудбалска сезона, во август на лето - кажа Дарко Каевски директор на Агенцијата за млади и спорт.
Со проектот за реконструкција на градскиот стадион предвидени се повеќе градежни активности и на трибините и на клупските простории. Меѓу другото опфаќа реконструкција на трибините од источната страна, трибината каде се навивачите Гемиџиите, набавка на опрема за наводнување на фудбалскиот терен, изградба на санитарен јазол -вц за гледачите, замена на кровниот покривач на постојните салонитни табли, поставување на изолација -тервол, замена на внатрешната столарија -прозори и врати со нова од ПВЦ, поставување термоизолациона фасада на објектот со што ќе стане енергетски ефикасен, реконструкција на подовите од соблекувалните, молерофарбарски работи, поставување на соларен сет за топла вода, изведба на заштитна настрешница за излез на фудбалерите до теренот.
Оваа иницијатива за реконструкција на градски стадион ја тераме подолго време. По завршувањето стадионот ќе ги исполнува стандардите за меѓународни натпревари. Ова е прва фаза од реконструкцијата, во следната ќе биде решавање на осветлувањето поставување рефлектори и потпорниот ѕид кој е помеѓу пругата и патеката за гледачите - рече градоначалникот Аце Коцевски.
Прашан дали ФК Борец ќе може да ги игра натпреварите од Првата фудбалска лига на домашен терен додека трае реконструкцијата, Коцевски одговори потврдно, дека натпреварите ќе се играат напречено на Градски во Велес.
Градежните работи ги изведува Делта пром од Велес. Бидејќи на јавното наддавање е постигната сума помала од одберените 15 милиони денари, се бара начин како остатокот од 2,5 милиони денари да се искористи. На новинарското прашање зошто овој проект започна со задоцнување од седум месеци, беше најавен за август лани, директорот Каевски, причината ја лоцираше во бирократијата.
Се доцнеше во делот на јавната набавка и дополнителните административни работи. Сакавме да имаме целосна документација за да започнеме со реконструкција - објасни Каевски.
Tweet |