речник контакт

Започна санацијата на карпата Цуцка, од која пред две години падна камен тежок 25 тони

Предвидените зафати треба да чинат 62,4 милиони денари а рок на изведба е осум месеци

Петар Печков

Две седмици  се  работи на санацијата на карпите од Цуцка на влезот во Велес, по големиот одрон кој се случи пред две години. Градежните зафати опфаќаат и поправка на регионалниот пат Велес Градско.  Поради ова патот е затворен за сообраќај а патничкиот сообраќај наместо по стариот пат се одвива по автопатот. 

Инвеститор на работите е ЈП за државни патишта,  кое најави дека вкупните предвидени зафати треба да чинат 62,4 милиони  денари  а рок на изведба е осум месеци и да завршат до средината на октомври.  Изведувач е фирмата ,,Стендон градба,, од Битола, која го доби тендерот за градежните работи.  Се работи во три фази. 

Во првата фаза, деновиве,  се гради потпорниот ѕид помеѓу пругата и коловозот по што следи поставување на нова еластична ограда. Втора фаза опфаќа кавење на карпата за да се исчисти од  оштетените и испукани карпи. Третата опфаќа поставување на анкери врз кои ќе се врши торкетирање, поставување на заштитна мрежа и поставување на габиони за трајно стабилизирање на карпата - изјави  Блажо Петров од изведувачот Стендон Градба. 

По завршувањето на градежните работи ќе се асфалтира овој дел од делницата на патот кон Градско,  на излезот од Велес. 

Бидејќи во земјава немало  стручни лица кои ќе извршат  минирање на карпата, на втората фаза ќе работат хрватски стручњаци и алпинисти. Во периодот од 8 до 16 ч., додека се изведуваат работите, исклучена е струјата на железничката пруга и во тој период, не се одвива железничкиот сообраќај на делницата Велес - Гевгелија- Солун. 

Имаше повеќе најави  дека работите на овој проект, ќе започнат уште  лани есента, годинава по  Божик, но  тие започнаа деновиве. Објаснувањето од ЈП ДП зошто толку се одолговлечи постапката  беше дека ,,многу  време се потрошило на изработката на проектот за санација на карпата, кој бил обемен и стручен,,.

За потсетување  одронот на  камен од карпата Цуцка се случи на 13 март 2018-та година. Тој го стопираше и железничкиот и патничкиот сообраќај. Железница реагираше бргу и за два дена го отстрани одронот, додека камењата од патот  кои беа проценети дека се тешки 25 тони, се отстранија после 24 дена. Изминатиот период сообраќајот на оваа делница се одвиваше по една коловозна лента.  

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »