Петар Печков
Објавено: недела, 16 февруари 2014
Од денес, недела 16 февруари во сите подрачни одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија започна увидот во Единствениот избирачки список како и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи за претстојните претседателски избори. Како што не информираа во подрачното одделение во Велес во текот на денешниот прв ден се јавиле и првите гласачи за увид и давање потпис за еден од независните кандидати. Канцеларијата е во зградата на Општината, во влезот за подрачните единици на Министерствата.
Увидот ќе трае 20 дена, односно граѓаните со право на глас до 7 март секој ден во периодот од 8:30 до 19:00 часот ќе имаат можност да проверат дали се наоѓаат на списокот и во кое избирачко место ќе гласаат, а доколку има потреба можат да побараат запишување, дополнување или бришење на податоците. Собирањето на 10 илјади потписи за кандидатите за претседател од група избирачи пак, ќе трае до 2 март. Има три листи на кандидати независниот кандидат проф. Билјана Ванковска, проф. Зоран Тодорвски од партијата ГРОМ и Стојанче Ангелов од партијата Достоинство.
Од денес започна и јавниот увид во посебните изводи на Избирачкиот список во Дипломатско- конзулартните претставништва на Македонија за лицата на привремена работа или престој во странство. До седми март државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку Дипломатско- конзулартните претставништва на Македонија или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список. На први февруари, пак, започна да тече и рокот во кој граѓаните од дијаспората ќе можат да поднесат пријава за гласање за претседателските избори.
Граѓаните со право на глас исто така проверка во Избирачкиот список можат да направат и преку интернет на http://izbirackispisok.gov.mk/ За да можат да ја употребат апликацијата треба да го внесат матичниот број и кодот што ќе се појави на сликата.
Tweet |