Петар Печков
Објавено: понеделник, 30 октомври 2023
Во Основен суд Велес започна судскиот процес, му се суди на младо момче од село Виничани кој според обвинителството сторил убиство. Одбраната најави дека ќе се бори да докаже дека не е убиство туку сообраќајна несреќа со смртни последици.
Обвинителката Анастасија Миланова во воведен збор кажа дека обвинетиот Саше Крстев (25 год) делото го сторил со умисла.
„На 19 јули настанала вербална расправија за водоводна цевка во селото меѓу таткото на осомничениот и жртвата, по што осомничениот заминал дома, го зел автомобилот „Фиат панда“ сопственост на неговиот татко и со многу голема брзина се упатил директно кон оштетениот, намерно удирајќи го со возилото. При ударот, оштетениот со глава удрил во ветробранското стакло на автомобилот, излетал во воздух и се закачил на жичана ограда од двор, по што паднал на земјата, здобивајќи се со многу тешки телесни повреди од кои починал на лице место“ - кажа обвинителката Миланова.
Крстев кажа дека не се чувствува виновен, за делото како што го товари обвинителството.
„Не сум виновен за убиство, како што тоа беше кажано дека сум го сторил“ рече кратко Крстев на почетокот до судењето.
Неговиот бранител адвокат Коста Нојков во воведен збор објасни дека ќе докажуваат дека е сообраќајка.
„Не постои умисла за убиство. туку обвинетиот го земал возилото со намера да оди во Градско да купи водоводна цевка, за што пари му дала мајката. Во случајот се работи за сообраќајна несреќа со смртни последици“ - рече Нојков.
Вториот бранител, адвокатот Борче Стојанов кажа дека ќе докажат дека обвинетиот не бил присутен во моментите на расправија помеѓу неговиот тако Венцо и соседот, сега покоен Ангел Цековски.
„Не е точно дека обвинетиот бил на лице место, се вратил дома и со многу голема брзина го возел автомобилот и го лишил на лице место од живот соседот Ангел. Обвинетиот бил дома кога се случувала расправијата. Во обвинението се зборува за„многу голема брзина“ која никаде не е прецизирана а вештото лице не ја определува која е таа“ - кажа адвокатот Стојанов.
Потоа сведочеа двајца сведоци на обвинителството. кои раскажаа како се случила расправијата и како дошло до моментот кога сега покојниот Ангел Цековски бил удрен со автомобил кој го управувал Саше Крстев. И двајцата прецизираа дека обвинетиот не бил на месото кога имало расправија, се појавил како го управува автомобилот, според нив со брзина од 30 до 50 км/ч. При што Ангел бил на улица додека Венцо Крстев бил надвор од патот. И двајцата сведочеа дека Ангел почнал на пат кон болница, додека возеле со неговата кола низ Велес.
Судијата Шевшет Адеми ги праша дели обвинетиот при управувањето на автомобилот презел дејствија на кочење, и двајцата сведоци беа категорични „не“.
Сопругата на сега покојниот Ангел, пред судот побара Саше Крстев да е гони кривично и најави имотно побарување. Таа кажа дека нејзиниот сопруг Ангел Цековски оставил зад себе три деца сираци, на 13,11 и 7 години.
Tweet |