Петар Печков
Објавено: вторник, 19 септември 2023
Во Основниот кривичен суд во Скопје, денес започна судскиот процес, за трговија со дете , кое било подведувано на проституција. На обвинителна клупа седнаа 13 обвинети, повеќето се млади велешани.
„Првообвинетиот ,С.Д. дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето – жртва им овозможил на останатите обвинети и на други НН лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија. Тој, во декември 2021 година преку апликацијата Instagram остварил комуникација со петнаесетгодишното девојче – жртва на трговија со луѓе и по неколку неделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првообвинетиот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед.
На овој начин, првообвинетиот го принудувал детето – жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале осомничени и други НН машки лица, кои прво конзумирале наркотична дрога и алкохолни пијалоци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето – жртва и користеле сексуални услуги иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе“ - соопштија од обвинителството за гонење организиран криминал.
Поради тоа што станува збор процес каде жртва е малолетно лице, обвинителката побарала исклучување на јавноста во текот на целата јавна расправа.
Дел од одбраната посочија дека не биле повикани на сослушувањата на малолетничката. Сметаат дека записниците од сослушувањето се несоодветен доказ и дека на нив не може да се заснова пресуда. Предложиле да се издвојат записниците, но судот им го одбил барањето.
Tweet |