речник контакт

Започна судскиот процес за убиството во Долно Караслари

Обвинети дека се сторители се мајка и син а тие ја отфрлаат вината

Петар Печков

Во Основен суд Велес, започна судењето за убиството во Долно Караслари, кое се случи на Водици годинава. Обвинети за кривичното дело „убиство“ се мајка и син  Марина (50 год) и Иле (21 год) Трајковски, дека со умисла на 19-ти јануари во нивниот дом го лишиле од живот сопругот и татко Зоран Трајковски.

Обвинителката Силвија Ивановска кажа дека  настанот се случил во терминот помеѓу 16,10 и 16,48 ч. на долниот кат од семејната куќа каде живеел Зоран, каде бил лишен од живот со семејно насилство.

Неговиот син Иле со рака му ја затворил устата и носот на Зоран, а Марина го држела за телото да не дава отпор, по што настапила смртта - кажа обвинителката Ивановска.  

По ова обвинетите беа прашани од страна на судијката Габриела Гајдова дали се чувствуваат за виновни, и двајцата  одрекоа,  изјавија „не“.

Нивниот бранител адвокат Ангел Ивановски, во воден збор рече дека со вештачењето изработено по барање на одбраната, ќе докаже дека смртта била природна а не насилна како што стои во обдукцијата.

Починатиот имал повеќе болести, што резултирало со смрт. Обдукцијата не ги дала вистинските одговори за причината, зошто тој починал - рече Илиевски.   

По ова се започна со сослушување на сведоците. Прва сведочеше  Сузанка Стојчевска, сестра на починатиот, која не бараше обесштетување, ниту кривично да се гонат обвинетите. Таа кажа дека нејзиниот брат Зоран  не бил во добри односи со сопругата и децата, тој живеел на едниот кат, тие  на другиот, но не знае точно зошто биле нарушени односите.

Потоа сведочеше докторката која ја констатирала смртта  кај починатиот. За него кажа дека го познавала, бидејќи во неколку наврати повикувал доктор од Итната помош.

Лицето имаше проблеми со алкохолот, неколку пати бевме кај него.   Критичниот ден бевме повикани да констатираме смрт. Немаше ништо сомнително, но беше чудно што собата беше уредена.  Кога претходно доаѓавме имаше многу испушени цигари, празни шишиња, сега беше чиста. И не мирисаше на алкохол, како кога некој пиел, туку од чашата на масата, ниту пак  имаше мирис  на цигари.  И починатиот беше уреден, седеше на кревет со главата зафрлена наназад.  Рекоа дека покојниот повратил и затоа исчистиле - рече д-р  Алмедина Хајдарпашиќ.    
Сведочеше и д-р Александар Станков специјалист по судска медицина, кој ја извршил обдукцијата на телото од починатиот Зоран Трајковски.

За време на обдукцијата констатирани се повреди  на нос, горна усна, крвни подливи долу од очите и повреди на внатрешниот дел од главата, на тилот. Скршувањето на носната `рскавица е настанат со  употреба на сила, со механизам на притисок.  Повредите на мекиот дел од тилот, укажуваат дека телото било на тврда подлога со главата, кога е извршен притисокот. Има и траги од задушување, констатирани во белите дробови. Наодот укажува  се работи за задушување, смртта е насилна. Се делувало со тапо тврдо силно средство, голема веројатност од рака - рече д-р Станков.

На прашањето од бранителот дали е можно повредите да се од пад, докторот објасни дека тогаш  страдале најистакнати делови на главата, аркада, јаболкници а нос не се кршел од пад, затоа било потребно дејство на сила.  Дополни дека кај починатиот во моменти на смрт имало 0,47 промили алкохол во крвта и 0,23 во урината. На прашањето од адвокатот, точно да прецизира, кога настанала смртта, Станков објасни дека тоа го има само на филм.  Бранителот во неговите прашање констатираше дека се работи  за микродимензии на повредите.

Повредите беа свежи, немаше коричка на нив, не е можно е да настанале претходните денови. Човек треба да е жив па да се јават крвни подливи под очите, како во овој случај. Тие се јавуваат кога има скршеница на носот.  Повредите со микродимензии, не треба да се гледаат поединечно, туку во целина. И тие се настанати  од нокот, по притисок на рака - дополни  д-р Станков.  

Судењето продолжува со сослушување на сведоци на обвинителството.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »