Петар Печков
Објавено: четврток, 31 март 2022
По една година откако се појави свлечиштето, започна неговата санација. Во тек се градежните работи за изведба на потпорниот ѕид на свлечиштето од патот кај Штипска рампа. Тие започнаа пред една седмица, мината среда. Финансиер на санацијата е ЈП за државни патишта а инвестицијата е околу 1,5 милиони денари, средства од нивниот буџет.
„Изведбата на АБ потпорниот ѕид на R1102 на km 46 + 700, ќе трае приближно три недели и би требало да биде завршена на средината на месец април. Носител на работите е Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, со подизведувачи за дел од работите“ - пишува во писмениот одговор од ЈПДП.
Половина од едната коловозна лента е оштетена и однесена од земјиштето. Станува збор за свиокот после Бензинската пумпа за штипско џаде, близу преминот на штипска пруга. Граѓаните и јавноста чекаа долго време да започне санацијата.
„Не се чувствуваме безбедни како возачи кога минуваме со возилата. Земјата попушта, се свлекува веќе подолго време. Пред една година поставија столпчиња, но водите кои се слеваат од повисоко и тука минуваат, го поткопаа патот а на некои места и го однесоа. Ризично е секое минување. Два камиони, за да влезат или излезат во Велес, мора од тука да возат , бидејќи од тука минува тој индустриски пат, и тој е единствениот влез од правец на Штип, Гевгелија за тешки возила, едниот сопира да се разминат, нема место, патот е толку тесен“ - велат возачите.
На товарните возила кои ја надминуваат вкупната дозволена маса над 7 тони им е забранет влез во град Велес, и сообраќајот за нив се одвива по улиците: „Академик Пенчо Давчев“ „Вардарска“ „АСНОМ“ „Андон Шурков“ , спој на ул. „Андон Шурков“ и „Благој Ѓорев“ во насока на движење кон ул. „Ристо Попов“ во нас. Превалец.
Tweet |