Петар Печков
Објавено: петок, 21 јули 2017
Од почетокот на месецов сопрено е производството во велешки Киро Ќучук, сега Еуро Брик. Вработените кои реагираат велат дека не им биле продолжени договорите за работа. Не им е познато зошто до ова дошло, иако имале работа и добри плати.
Немавме два плати добиено, за мај и јуни и на крајот од претходниот месец беше изгасната печката и производството сопре. Деновиве добивме пари за мај, останува уште за јуни. На најголемиот дел од вработените не ни беше продолжен договорот за работа, кој го потпишувавме месец за месец. Бевме во Бирото и се јавиме следната седмица за да можеме да добиваме надомест. Веднаш откако не работевме, излезе оглас за вработување во фабриката – велат поранешните вработени.
Според нив од 130-те лица на работа оделе само уште 20-тина. Додаваат дека платите им биле солидни за македонски услови. Hе знаат што се случило за вакoв заплет. Велат дека во дворот на фабриката имало големи количества на готов производ, кој иако е лето и е во тек градежна сезона, стоел непродаден.
Со директорот Тоше Кочoв стапивме контакт телефонски. Тој рече дека е во странство во потрага по решение за проблемот кој искрснал.
Се скрши основата на машината вакумица, која го подготвува тестото за изработка на цигла. Бараме по Србија, Бугарија да се најде замена. Исто така и замена на горивото за печката, каде се пече циглата – рече Кочoв.
Немаше време за повеќе разговор, па нема одговор зошто вработените не им е продолжен договорот, колку време ќе трае прекинот на производството. Подоцнежните обиди да се стапи во контакт со директорот беа неуспешни, тој не одговараше на повиците.
Од Агенцијата за вработување во Велес потврдија дека договорите за работа со поголем дел од вработените во Еуро Брик Киро Ќучук, не се продолжени, дека луѓето се на списокот на невработени и дека ќе имаат состанок одговорното лице за добивање на надомест.
Сопственици на фабриката се охриѓанецот Абдурамим Бајрактар македонски бизнисмен, како и Васиф Улучлар и Ибрахим Сенем од Истанбул. Тие ја купија фабриката за 1,1 милион евра на јавен повик, кога понудија најдобра цена од другите двајца учесници на е- продажбата.
Tweet |