речник контакт

Засадени повеќе од две илјади садници во близина нa езеро Младост, акција на ЕУ за Велес

Секоја засадена садница е инвестиција во почист воздух, во поздрава животна средина, за добросостојбата на генерациите кои доаѓаат. Учествуваа учениците од средните училишта

Петар Печков

Ha месноста Ајдучка чешма, близу езерото Младост се изврши пошумување на повеќе од две илјади садници дрвја, на површина од неколку декари. Пошумувањето беше организирано од канцеларијата на ЕУ во Скопје, под мотото „Растеме заедно“. Беа засадени садници од  јавор и јасен, обезбедени од Р.Е. Бабуна Велес на ЈП Македонски шуми. На овој начин беше одбележан Денот на Европа, од страна на Јуроп хаус  во Велес.

„Оваа акција говори погласно од зборови, која испраќа порака на отпорност и надеж. Со тоа што ќе засадиме  повеќе од две илјади садници избираме обнова место загуба, живот место уништување. Преземаме одговорност место да затвораме очи. Секоја засадена садница е инвестиција во почист воздух, во поздрава животна средина, за добросостојбата на генерациите кои доаѓаат. Дрвјата симболизираат живот, раст, поврзаност, тие се олицетворение на стабилност, грижа и хармонија. Тие елементи го симболизира и денот на Европа.  Тоа се нашите заеднички вредности и идеали“ – кажа Мартин Шродер, од канцеларијата на ЕУ во Скопје.

На акцијата за пошумување, која беше во близина на стариот пат Велес – Скопје,  учествуваа ученици од велешките средни училишта и нивните професори. 

„Со оваа акција ја обновуваме природната средина, испраќаме порака за грижа кон животната средина и кон идните генерации. Се засадуваат јасен и јавор, видови кои најмногу одговараат на ова поднебје и кои се внимателно одбрани од колегите експерти.  Секое засадени дрво значи почист воздух, почиста животна средина. Пошумувањето е н најважен чекор кон климатските промени“ – рече Жаклина Гушева, директорка на Р.Е. Бабуна од ЈП Македонски шуми. 

Нивните вработени го обезбедија и подтотвија теренот за пошумување. 

АНКЕТА »

Дали сте за враќање на платениот паркинг во Велес, за надминување на проблемот со паркирањето?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »