речник контакт

Затвор за бајач и гатач

Откако ги олеснил ,,клиентите,,, двајца братучеди за 14 илјади евра, пред судот ладно изјавил ,,Додека има овци ќе стрижам,,.

Петар Печков

Штипјанецот Сабедин Шабановски ( 44 год) кој се претставувал како бајач и гатач  доби десет месеци затвор затоа што измамил  двајца велешани за 14 илјади евра. Тој им ги земал парите а не им помогнал за маките што ги имале двете лица од велешкото село Оморани. Шабановски во Основниот суд во Велес беше прогласен за виновен за кривичното дело измама, по што доби 10 месеци затвор но и обврска да ги врати парите на оштетените. 

 

Гатачот Шабановски  систематски ги лажел братучедите  З.К. ( 40 год) и П.Р  ( 39 год) пет месеци,  од месец јануари 2009 до мај 2009 година  и во повеќе наврати ги довел во заблуда со лажно прикажување дека со баење лекува и растура магии и за тоа ги навел да му дадат пари во висина од 14 илјади евра, за да им помогне да се стабилизира семејната состојба. Ветувал дека ќе ги разреши недоразбирањата,  кои тие ги имале со нивните сопруги, на едниот да му се врати жената, додека другиот да добие дете. 

 

Обвинетиот им се претставил како Дервишот Ќаип од Штип, дека има моќ да помага при разни животни проблеми, отишол и кај нив дома правејќи обредни ритуали со употреба на шербет, корнејќи дрва од прагот на куќата и читајќи упатства од Светата книга, Куранот која ја носел со себе.  Од оштетениот при нивните средби  за да му се врати сопругата, нему и на тригодишниот син, барал да му носат маици во која  ставал пари во износ кој тој ги кажувал а кој наводно се појавувале во Куранот, кога Шабановски ќе ги отворел.

 

Во другиот случај раскажувал дека со гатање и баење ќе ја растури магијата поради која брачниот пар немаат дете и дал колан во кој требало да ги стават парите, а кој што требало да го носи оштетената 40 дена. По враќањето на  маиците и коланот, кои стоеле некое време во теќе каде се одвивало баењето, Шабановски предупредувал истите да не ги отвораат, зашто ќе им се случи нешто лошо и да почекаат магијата да го постигне потребниот ефект.

 

Обвинетиот  за стореното дело се бранел дека е често во контакт со дервиши и имал информации како тие постапуваат кога некој има мака, знаел дека нема моќ да им помогне но сепак се нафатил да ја тера работата и да им земе пари. Тој во еден момент во своја одбрана бидејќи целта му била да дојде до пари,  изјавил „кога има овци ќе стрижам“. 

 

Бидејќи братучедите З.К. и П.Р. позајмиле пари, дошло време тие да се вратат,  а се плашеле да ги отворат маиците и коланот од некаква магија и клетва, отишле кај некој оџа во Прилеп. Тој ги отворил во нивно присуство и тогаш виделе дека во нив нема пари, туку имало некакви картони, хартии, стари неважечки македонски бонови, неважечки српски денари, женски чорапи. Подоцна со помош на полицијата  обвинетиот бил пронајден во Штип, каде било констатирано дека не се вика Ќаип, не е Дервиш, туку Сабедин Шабановски, за кој трагаат измамените братучеди од Оморани.
 

 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »