Петар Печков
Објавено: недела, 12 мај 2013
Како дојде до повредата?
На сцената секогаш постои ризик од помали и поголеми повреди, особено што во случајов се работи за спортски танц. Повредата на коленото се случи на проба, при скок во пасо добле, кој претходно повеќепати успешно сум го изведувал, но овој пат поради лизгавиот под завршив со директен пад и удар на коленото, кој резултираше со скршеница и хируршка интервенција. Иако станува збор за класично излегување од шоуто поради повреда од вис мајор ситуација, сепак, согласно со правилата на шоуто, моравме да бидеме дисквалификувани. Моментно сум на домашно лекување и мирување во следните осум недели, по што ќе следува период на рехабилитација. Опкружен со грижата и поддршката на најблиските, се надевам дека до средината на јуни ќе можам да им се вратам на тековните работните обврски и професионалните ангажмани.
Дали тагува по излегувањето од шоуто ,, Танц со ѕвездите,,?
И покрај повредата поради која бев принуден да го напуштам шоуто, сепак, учеството во „Танцот со ѕвездите“ беше навистина убаво и богато искуство. Одлична можност повторно да му се навратам на танцот кој го сакам од мал и прв пат да се посветам на изучувањето на спортските танци. Научив многу и успеав да ги поместам сопствените предиспозиции и лимити. Со мојата партнерка Наде работевме навистина напорно и посветено, но најважно е што, пред се', се препознавме како луѓе и пријатели, затоа и танцувавме со срце, уживавме и одлично се забавувавме. Од самиот почеток на шоуто мој најголем предизвик беше публиката да не може да направи разлика кој е ѕвездата, а кој професионалниот танчар. И успеав во тоа. За мене и за Наде тоа е најголемата победа.
Наш препознатлив знак беше токму танцот, усогласеноста, флуидот и позитивната енергија која зрачеше од нас додека танцувавме. Тоа го препознаваа и публиката и жирито, затоа не' поддржуваа и навиваа за нас. Танцот беше нашиот најголем успех, а тоа, впрочем, е и главната цел на шоуто - да ги промовира и афирмира неговите вистински вредности и да ја подигне свеста и културата за него. Тоа е и најголемата придобивка од реализирањето на ова светски препознатливо шоу кај нас. Среќен сум што јас и Наде вистински придонесовме за тоа. Затоа е најважно во шоуто да победи танцот, односно оној што најмногу ќе го застапува тоа. Без тоа ниедна победа не би имала смисла.
Како го мине времето додека е кревет?
Да, имам време премногу и се посветив на сето она што во претходниот период го запоставував. Покрај задолжителните медитации кои за мене се разговор со себеси, уживам во сите нови филмови што сум пропуштил да ги погледам, во долгите и убави разговори со најблиските, а од многуте книги кои чекаат да бидат прочитани, моментно уживам во „Крајбрежје на спасот“ од Лиза Шенон, која ја добив на подарок од другарка ми Оле, прекрасна книга која повикува да нурнеме во сопствената душа и да се обидеме да му дадеме смисла на овој ранет свет.
Tweet |