Петар Печков
Објавено: недела, 02 февруари 2014
Народната хумористична песна Зачукале тапаните има велешко потекло, испеана е од велешани, некаде на почетокот на минатиот век. За неа и како настанала раскажува Трајче Ламјов и сам изведувач на народни песни, чиј глас многу потсетува на Никола Бадев. Еве што Ламјов знае за оваа песна:
Приказната сум ја слушал од дамнина, од постарите, и тоа што сум го знам го раскажувам. Сватовите биле од Којник и оделе по невеста во Башино Село. Тогаш се одело со пајтони со чези. Во тоа време Вардар замрзнувал. И како што бил замрзнат, дошла поголема вода, дотекол и ги однел сватовите, младоженецот, роднините. И сите по нешто жалеле, зетот за невеста, свекорот за кошула, сватовите за дарови. Ова песната старите велешани ја знаат, помладите малку. Таа е хумористична песна, оживеана од народот, може има вистина. Кој ќе знае. - вели Трајче Ламјов.
Еве ја песната во изведба на Сариевски и Бадев
http://www.youtube.com/watch?v=dEA4KYxVjIs
Зачукале тапаните
Зачукале, зачукале тапаните
се собрале, се собрале сватовите.
Румба, румба, румба ба
лиду, лиду, лиду ду
ајде чудо големо.
Ми јавнале, ми јавнале мулињата
запалиле, запалиле лулињата.
Румба, румба, румба ба
лиду, лиду, лиду ду
ајде чудо големо.
Ќе ми одат, ќе ми одат по невеста
по невеста, по невеста преку Вардар.
Румба, румба, румба ба
лиду, лиду, лиду ду
ајде чудо големо.
Ми дотекол, ми дотекол силен Вардар
ми однесе, ми однесе невестата.
Румба, румба, румба ба
лиду, лиду, лиду ду ајде чудо големо.
Почнал зетот, почнал зетот да ми плачи
а сватови, а сватови за дарови.
Румба, румба, румба ба
лиду, лиду, лиду ду
ајде чудо големо.
Tweet |