Петар Печков
Објавено: вторник, 15 февруари 2011
Две средни училишта од Велес, како превентива од тепачките меѓу учениците воведоа физичко обезбедување. Во Хемиското Димитрија Чупоски и во УЗУС Коле Неделковски, родителите дале согласност да се ангажира агенција која ќе го чува редот во овие образовни институции. Ова доаѓа по серијата тепачки на ученици токму во овие две училишта изминатите три месеци, која кулминираше минатата седмица, со заривање на нож во грб на ученик во училишна зграда. Во останатите две, Гимназијата Кочо Рацин и Економското Јовче Тесличков, каде не беа регистрирани физички насилства, засега нема потреба од ваков ангажман, сметаат надлежните.
Приоритет е безбедноста на учениците не само во училиштата, во дворовите туку и пошироко. Потребно е да се преземат мерки за степенот на сигурност да се зголеми. Затоа неопходна е студија, за да се откријат проблемите но и можни решенија, како да се надмине ова состојба – изјави Горан Петров градоначалникот на Велес.
Во двете училишта, каде беа регистрирани инцидентите директорите велат дека ги презеле стандардните мерки, дежурства на ученици и професори, ограничен влез на надворешни лица, безбедносни камери, но сепак се случиле тепачки. Општината најави дека ќе помогне и материјално и финансиски во примена на предложените мерки за безбедност на учениците, што ќе ги подготват стручњаците.
Ученикот Б.А. од Гимназијата, кој прободе друг ученик во УЗУС, сам побара да биде отипшан од училиштето. На барање на родителите од паралелката каде тој учи, започната е процедура за негово бркање од наставата.
Tweet |