Петар Печков
Објавено: среда, 20 ноември 2019
Годинава за десет месеци во Велес има регистрирано 25 пријави од граѓани за каснување од кучиња а минатата година 2018-та за истиот период биле пријавени 16 случаи. Ова се бројките на СВР Велес, кои покажуваат дека годинава е зголемен бројот на граѓани каснати од кучиња скитници.
Од ЈЗУ Општа Болница Велес информираа дека за десетте месеци годинава, кај нив на инфективно одделение се јавиле и биле лекарски третирани 50 лица поради каснување од куче, што е двапати повеќе отколку пријавени во полиција.
Велешани реагираат дека кучињата скитници ги има во се поголем број по улиците и јавните површини на градот, иако им се врши заловување, стерилизација и кастрација. Наспроти ова, расте нивниот број и бројот на каснати граѓани. Ова е сериозен проблем за велешани а локалната власт иако има договор со Пансион за кучиња, тој е далеку од решение.
Постојната законска регулатива е ,,залови, третирај и врати,, што ќе рече дека може да се усмртуваат кучиња кои се болни и агресивни, констатирано од надлежни институции. Пансионот Гиовски си ја врши задачата согласно потпишаниот договор со нас како локална власт, постапувајќи по налог на надлежни служби а по сугестии на граѓаните. Очигледно дека овој законски концепт не ги дава очекуваните резултати. Друго соодветно решение немам, ниту идеа а да не биде спротивно на законската регулатива - кажа градоначалникот Аце Коцевски, по реакциите во јавноста.
Зголемен е и бројот на тужби кои граѓаните ги поднеле против Општина Велес, за обесштетување од каснување на куче. За десет месеци годинава имало пристигнато 17 тужби за што се исплатени 831.557 денари. Со тоа биле исцрпени планираните и обезбедени средства од локалниот Буџет, па се изврши измена на распоредот на средства од Буџетот на Општина Велес, со цел да се обезбедат средства за тужбите кои ќе следат до крајот на годинава.
Tweet |