Петар Печков
Објавено: петок, 06 мај 2022
Иако најавено дека изградбата на зградата со социјални станови во Велес, ќе заврши овој месец мај, надлежните најавуваат дека тоа ќе се случи половина година подоцна. Новиот рок е да биде завршена до октомври годинава . Станбената зграда има 29 станови, инвестицијата е 41, 5 милиони денари, средства на Министерството за транспорт и врски.. Зградата е на пет ката а ја гради „Конструктор“ од Скопје.
“Наша обврска е да создаваме услови ранливите семејства да добијат сигурност и подобри услови за живот. И заради тоа интензивно работиме на мерки и политики кои влијаат на подобрување на социјалната положба на ранливите категории. Ова е еден од начините како оваа Влада води сметка за згрижување на ранливите семејства. Зградата во Велес се работи со добра динамика и веднаш по нејзиното завршување ќе распишеме јавен повик за распределба на становите”, кажа Благој Бочварски министер за транспорт и врски.
Тој при посетата на овој објект на 14-ти април лани, најави дека зградата ќе биде завршена мај 2022-ра.
Министерот додаде дека во овој момент во завршна фаза се зградите во Неготино, Демир Капија и Гевгелија, а во моментов во фаза на изградба се 470 социјални станови во Бутел, Сарај, Кочани, Пехчево и оваа во Велес.
Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски, истакна дека веќе се прават планови за продолжување на овој проект.
“Разговаравме со министерот за продолжување на овој проект и затоа активно работиме на расчитување на имотно правните работи на други локации во општините. Банката даде позитивно мислење за нов заем и на добар пат сме да продолжиме да градиме и низ други општини и да го решаваме станбеното прашање за ранливите категории граѓани.” - изјави директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката Кристијан Трајковски.
Tweet |