Петар Печков
Објавено: петок, 27 јули 2012
Иако пет месеци се готови зградите на Хабитата во населбата Тунел во Велес се уште не се вселени. На 7-ми март плочката со реден број 7 на улица Невена Георгиева Дуња лично ја постави американскиот амбасадор Пол Волерс, по што станарите очекуваа дека бргу ќе се вселат. Но ништо од најавите, становите и натаму се празни а нема изгледи дека нивните сопственици скоро ќе се удомат. Тие реагираат на ваквата состојба и бараат одговор што се случува.
Ништо од најавите дека уште во текот на март месец ќе се вселиме. Становите и зградите се празни иако струјата е вклучена. Секој сака свој дом, ама ние се начекавме за нашите. Добро е одговорните за овој продолжен период да си ги завршат работите, што недостигаат па и ние и нашите деца од есен да се вселиме. Лошо е што и економската моќ ни паѓа, во однос на условите за отплата кои ги добивме. Ама тоа беше пред две години – велат дваесеттината станари кои потпишаа договор со Хабитат.
Четирите згради кои се изградени и подолго време готови, од страна на американска невладина и непрофитна организација Хабитат се наоѓаат во населбата Тунел 2, на 10 илјади метри квадратни површина. Изградени се 24 стана за кој на конкурс се јавија 126 семејства, со квадратура од 50 до 75 м2, наменети за лица со ниски примања, цената на квадратот е 471 евро заедно со ДДВ. Десетте отсто учество се плаќаат кога станарите ќе се вселат, останатите на 20 години отплата, без камата а ратата на месечната отплата е до 120 евра. Од Хабитат велат дека нивен интерес е ист како и на селектираните семејства, становите да бидат вселени што е можно побрзо.
Хабитат има инвестирано околу еден милион долари во четирите објекти, а не вселувањето на становите значи доцнење со почетокот на нивна отплата. Со тоа се оневозможува почеток на нов проект од сличен карактер. Вистина е дека откако ЕВН ја приклучи населбата на електричната мрежа, нема никакви технички пречки селектираните семејства да се вселат во становите. За жал, техничките пречки не се единствените кои треба да се совладаат. Во услови кога инвеститор-продавач на станови е невладина организација, што е ретка, а можеби и единствена ситуација во Македонија, тешко се добиваат разјаснувања на неколку даночни прашања, а обврска на Хабитат е да добие толкување на даночната регулатива кое ќе биде најповолно за идните сопственици. Претходно требаше да добиеме разјаснување на статусот на земјиштето, кое во меѓувреме, заради законски измени, помина во надлежност на локалната самоуправа – изјави Зоран Костов национален директор на Хабитата за Македонија.
Од локалната власт на општина Велес, во чија надлежност е обезбедувањето на инфраструктура за оваа населба, објаснуваат дека има одредени проблеми кои треба да се решат, по што станарите ќе можат да се вселат.
Остана да се асфалтира пристапниот пат до зградите. Имаме проблем со тоа што еден од блиските станари, кој е иселен од свлечиштето Рамина и тука живее во барака, го поткопал патот и мора да се гради потпорен ѕид. Очекувам дека надлежните служби ова ќе го решат по што станарите ќе можат набргу да се вселат – велат од општина Велес.
Во изградбата на становите, која започна на 22 октомври 2008-та, помогнаа партнер семејствата на Хабитат – Македонија, како и над 500 волонтери од САД, Канада, повеќе држави на Европа и од Македонија. Изградбата на зградите е поддржана од поединци, здруженија и компании од Северна Америка, Европа и Македонија.
Во нејзината изградба учествуваа претседателот Горги Иванов, претходниот американскиот амбасадор Филип Рикер, во неколку наврати велешкиот градоначалник Горан Петров, учениците од американската гимназија ,,Нова,, како и самите семејства со стотина часови работа. Хабитат – Македонија е невладина и непрофитна организација посветена на обезбедување едноставни, пристојни и достапни решенија за живеалишта на оние што живеат во услови на сиромаштија.
Tweet |