Петар Печков
Објавено: среда, 29 ноември 2017
Болестите на циркулаторниот систем, во 2015-та година се најчеста причина за смртноста на жителите од Вардарскиот плански регион (ВПР).
Во четирите општини Велес, Кавадарци, Неготино и Свети Николе, каде гравитираат и останатите пет, помали од овој регион –Чашка, Градско, Лозово, Росоман, Демир Капија, скоро две третини од смртноста е токму поради болестите на кардиоваскуларниот систем.
Или во Општина Велес (заедно со Чашка и Градско) од 802 починати 491 што е 61% се од болести на циркулаторен систем, во Општина Кавадарци (со Демир Капија и Росоман) од 489 починати 315 се од неа што е 64%, во Општина Неготино од 256 починати 168 или 65% и во Општина Свети Николе (со Лозово) од 260 починати 141 -54% се од болести на кардиоваскуларниот систем.
Во овие четири општини втора причина за смртноста се неоплазмите- малигните заболувања. Или во бројки состојбата е следна. Во Општина Велес има 147 починати, во општина Кавадарци 92, општина Неготино 45 и општина Свети Николе 49, што без исклучок во сите четири општини, секаде е 18 отсто од бројката на починати е од малигни заболувања. На трето место според причина за смртноста во општина Велес и Општина Кавадарци се респираторните болести со 4,7% односно со 3,5%, во општина Неготино со 4,7% се повредите и труењата а во Општина Свети Николе со 5,4% се ендокрините и метаболични болести.
Според статистиката во 2015-та година, бројката на вкупно починати бебиња во општините на Вардарски плански регион е 13, седум од нив се во Велес, три во Свети Николе и две во Неготино а едно во Кавадарци.
Стапката на илјада живо родени е 9,8 во Велес, 2,1 во Кавадарци, 8,2 во Неготино и 15,4 во Свети Николе. За ваквата здравствена состојба на 138.595 жители на општините на Вардарски плански регион се грижат 365 лекари и 200 специјалисти.
Најдобра е состојбата во општина Кавадарци каде еден лекар се грижи за 355 жители, па општина Велес со 396, во општина Неготино еден лекар дава здравствена нега на 509 жители додека во Општина Свети Николе е најлоша каде 659 жители чекаат здравствена услуга од еден лекар.
Разочарувачки е што во сите четири општини, бројот на пациенти кои чекаат здравствена услуга од еден лекар, е послаба од републичкиот просек кој е 346 жители на еден доктор.
Повисоката специјалистичка услуга во овие четири општини, во просек на илјада жители, чекаат многу повеќе пациенти. Повторно кавадарчани имаат најдобар просек со 623 жители на еден специјалист, велешани 682, неготинци 1116 а 1572 светиниколци имаат еден специјалист.
За да добијат здравствена услуга жителите на општините од Вардарски плански регион имаат 123 медицински единици. Најмногу од нив 48 се во Општина Велес, 34 во општина Кавадарци, 22 во Општина Неготино и 19 во општина Свети Николе. Поразувачки е фактот што во општина Свети Николе и Општина Неготино, каде живеат 36 илјади граѓани, нема установа од секундарната здравствена заштита, или кратко кажано Болница. Па затоа жители од овие две општини мораат стационарно да се лекуваат во соседните градови, Штип, Велес, Кавадарци.
Затоа пак во општина Велес е лоцирана единствената Болница за градни болести и туберкулоза – Јасеново. Бројката на стоматолози во општините на ВПР е како и за докторите, најдобра застапеност е во Кавадарци каде во 2015-та имало 46 стоматолози или еден на 935 жители, во Неготино 17 стоматолози што е еден забар за 1.379 жители, во Велес има 47 што е 1408 жители на еден стоматолог додека повторно во Свети Николе е најлоша состојбата со 10 стоматолози или 2.044 на еден стоматолог.
Во овие четири општини има 15 здравствени амбуланти во селата, во велешко и кавадаречко по пет, во светиниколско три и неготинско две. Колку граѓаните се грижат за своето здравје покажува податокот за тоа колку посети имаат дневно кај општ доктор. Најмногу за своето здравје се грижат кавадарчани с о 30,1 посета на ден, па светиниколци со 27,6, велешани со 26,3 и неготинци со 20,3. За илустрација републичкиот просек е 21,8 посети на еден кај еден доктор од општа медицина.
***Оваа анализа е изготвена со помош на грант доделен преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, НВО Инфоцентар и БИРН Македонија. Содржината на анализата е единствена одговорност на Извиднички одред Димитар Влахов, Велес, на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија***
Tweet |