Петар Печков
Објавено: среда, 04 мај 2022
Здравствените систематски прегледи за идните првачиња, деца родени 2016-та година ќе започнат од средината на месец мај. Ќе се одвиваат во просториите на Здравствен дом. Во наредниот период треба да бидат опфатени околу 700 деца, кои од есен ќе започнат со образование. Во овој број освен децата од Велес и велешко, се и од соседните општини Градско и Чашка.
„Започнаа да доаѓаат родители иако не добиле покани. Како и претходните години секое дете ќе добие покана на домашна адреса за термин, во кој ден во колку часот ќе дојде на здравствен систематски преглед. Тие ќе започнат од 15 мај. Сите деца ќе бидат прегледани до крајот на месец јули. Доколку родителот е спречен да го донесе детето од било која причина, може да се помести терминот во заеднички договор. Нема потреба од нервоза и паника кај родителите на овие деца, сите ќе бидат прегледани во предвидениот рок “ - кажа д-р Пандели Божиков
Со систематскиот преглед секое дете се ревакцинира против ситна сипаница, заушки и рубеола. Неа децата ја имаат добиено на 12 месечна возраст, сега и втората доза, што е услов за упис во прво одделение.
Во стоматолошката амбуланта, која е сместена во Хигиенски, веќе започнаа прегледите за идните првачиња.
„Прегледите се во тек, преку училишта оставивме телефонски број за договор со родителите, кога -кој ден и во колку часот да го донесат детето“ - кажа стоматологот д-р Анита Солева.
Систематските стоматолошки прегледи опфаќаат залевање на трајните катници т.н. шестки на идните првоодделенци. Се даваат совети за правилна хигиена на устата и забите, како и едукација за правилна исхрана и контролиран внес на шеќери, за да се спречи појавата на кариес кај младата популација.
Децата родени 2016-та кои од есен ќе започнат да одат на училиште ќе треба да бидат прегледан и од очен лекар.
„Потребно е родителите да закажат преглед за детето преку матичен доктор во „мој термин“. Прегледите се извршуваат во просторијата наменета за очен преглед на првачиња во Општа Болница Велес и веќе се во тек“- кажа офталмологот д-р Тодор Јаковлев.
Tweet |