речник контакт

Зелената смоква го закрепна домашниот буџет на велешани

Годинава и покрај врнежливото време од бербата на зелени смокви некои семејства собраа и до 300 евра

Петар Печков

Откупот на зелената смоква во велешко  привршува a некои велешки семејства од бербата финансиски добро. Повеќе од еден месец цели семејства од градот  се на терен и ги берат плодовите на зелената смоква, која се подготвува за традиционалното слатко. Оваа работа за некого значеше финансиска добивка и до 300 евра, во зависност од тоа колку бил умешен во берењето на плодот.

Јас со сопругата сме невработени и на терен сме од 7 наутро до 5 попладне. Можеме да набереме  помеѓу 80 до 100 кг зелени смокви. Задоволни сме од откупната цена. Има многу конкуренција за берба. На луѓето им требат пари и цели фамилии како нас се по околината на градот да берат род – вели Милан велешанец кој чекаше во ред да ја предаде обраната зелена смоква.

Покрај него беа и десетина други лица. Додека едни го предаваат родот други се на терен. Зелената смоква ја има по течението на Вардар и на реките Тополка и Бабуна. Дрвата со смокви на овој терен веќе се обрани. Се барат нови локации каде таа расте за да се продолжи бербата.  Не се остава ниту ден и час  слободно оти времето годинава не им е  сојузник.

Многу врнежлива се погоди годината. Нема многу време кога да береме. Од друга страна тоа е добро што нема змии, оти тие се опасност по нас  берачите. Добрата откупна цена привлече многумина да тргнат на берба – вели велешанецот Стојан. 

Бербата не е физички  тешка, но  крие опасности и има специфики поради кои берачите мора да бидат внимателни. Сите берат со ракавици оти млечот од дрвото може да предизвика алергии и црвенило по телото. Така бербата за некои лица  може да биде опасна по здравјето. Во градот  има три фирми кои ја откупуваат смоквата а цената се движи од 25 до 30 денари, во зависност од квалитетот на  ова јужно овошје.

Тие теглите со слатко од зелени смокви го пласираат на македонскиот но и странскиот пазар. Велешка Маслодајна, Уни стар и Јоми фуд овој период имаат полни раце работа со преработка и изготвување на слаткото. Дел од градот мириса на слаткото од смокви.

Годинава има голем род.  Бербата започна невообичаено рано. Досега сме почнувале од први мај а сега тоа беше средината на април. Откупот ќе трае и подолго оти на повисоките места подоцна ќе стаса смоквата, така што очекувам дека ќе заврши до 20-ти мај  - вели Зоран Аврамов сопственик на Јоми фуд.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »