речник контакт

Земи моме Македонче - велешанче

За љубовта меѓу велешанката Даниела и канаѓанецот Тодор

Петар Печков

Има една македонска евергрин поп нумера, која  често се пее а неодамна во пракса ја покажа и љубовта помеѓу велешанка со Македонец од Канада. Зафир Хаџиманов повеќе од четири децении пее дека на „цел свет нема мома поарна и затоа земи  моме Македонче за да видиш што е рај“. Таква една љубовна, убава, романтична приказна се случи и меѓу девојка од Велес и момче од Хамилтон Канада оваа година, која од познанство, пријателство прерасна во љубов, се за неполни шест месеци. Димитар и Даниела својата врска започната преку социјалните мрежи на почетокот од годинава, ја крунисаа со брак летово. Голема улога во љубовната приказна, премостувањето на далечината и нивната осаменост, има и  македонскиот свештеник од тамошната црква. Тие сега се тука во Велес, го минуваат времето чекајќи да се обезбедат документите за да можат Даниела да замине а Димитар се врати во Канада.

- Не сакав ни во најлош сон да земам сопруга Канаѓанка, сакав Македонка. Тие мои размислувања му ги пренесов и на нашиот нов свештеник Ангел Станчев кој од минатата година дојде во Хамилтон. Јас помагам во црквата Св. Наум и така дојдовме на муабетот. Тој ме сослуша ми кажа дека има пријателка која е одлична девојка, се запознавме со неа преку ФБ следниот месец, се слушавме на мобилен, потоа гледавме преку  скајп, па дојдов тука во Македонија а петтиот месец ја побарав за жена а шестиот се венчавме - објаснува Димитрос Петсанидис (43 год). Тој е дете на родители, бегалци од Егејскиот дел на Македонија на Василиос и Евтихија кои со големо воодушевување и радост ја примиле неговата врска а подоцна и одлука да земе девојка Македонка за сопруга. Самиот чин на  побарување на Даниела за сопруга, бил полн со симболика. Таа заедно со две нејзини внуки, Димитар ги однел на викенд, во родната куќа од родителите во село близу Лерин. Настанот се случил во тамошен ресторан, пред многу збунети гости и изненадената идна сопруга.

- Беше убава вечер, многу романтична, кога Димитар ги повика келнерите, тие ја расчистија места, тој им го даде мобилниот на внуките почнаа да снимаат а тој ме побара за жена. Не можев да одолеам. Едноставно со него уште од првиот ден имаше некоја хемија, взаемна поврзаност. Со човек кого прв пат го сретнувам јас на компјутерот седев со часови и разговарав, имавме многу теми за муабет. На почетокот тоа беше пријателство, кое прераснуваше во друго. Така се роди љубовта, која се круниса со брак – додава Даниела Трајковска (34 год). Таа на денот на вљубените 14 февруари преку брза пошта од Канада добила букет единаесет црвени рози со волшебни Сваровски  ланче кристали во форма на две срца. Сличен подарок добила и за првата средба на аеродромот обетки Сваровски со две кристални срца. Иако било договорено во јуни да се видат и запознаат, средбата била порано уште во април бидејќи Димитар не можел повеќе да биде во Канада, нешто го влечело кон Македонија. За Велигден заминале  за Грција кога на 8-ми мај Димитар ја побарал Даниела за жена, на 8-ми јуни веридбата а свадбата на 16-ти. Ги венчале тројца свештеници, нивниот заеднички пријател Ангел кој дошол за оваа пригода од Хамилтон, заедно со неговиот тамошен колега Здравко Пејковски како и еден тукашен поп. На свадбената веселба имале интересен подарок за сите гости. Шише вино на  кое наместо 12 отсто алкохол пишувало 100 отсто љубов и наместо тежината од еден литар стоело, еден живот. Сето тоа било спакувано во етикета во форма на срце каде биле нивните имиња. И затоа Димитар како во рефренот на Хаџиманов вели „Земи моме Македонче, кај да скиташ, кај да оди, земи мома од наш крај“.  

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »