Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 август 2012
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на социјално загрозените семејства ќе им доделува државно земјоделско земјиште за одгледување земјоделски култури.
Во јавниот повик се огласени повеќе од 854 хектари земјоделско земјиште во повеќе општини во Македонија. Во велешко ќе се доделат 38,227 ха. и тоа во катастарските општини Чашка, Раштани, Караслари, Раковец.
Најголем дел од површините, речиси 291 хектар е во Струмичко, 95 хектари се во Кратовско, 92 хектара се во Дебар и повеќе од 87 хектари се во Валандовско.
Времетраењето на плодоуживањето за кое се издава земјоделското земјиште изнесува пет години.
Согласно Програмата, заинтересираните лица, корисници на социјална парична помош, можат да поднесат барање за доделување земјоделско земјиште најдоцна во рок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот повик до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Право на учество на јавниот повик за доставување на понуди за давање во плодоуживање на земјоделско земјиште во државна сопственост имаат социјално необезбедени лица– корисници на правото на социјална парична помош.
Учесниците на јавниот повик за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање се должни да достават: фотокопија од лична карта; потврда од Агенцијата за катастар на недвижности – одделение за катастар на недвижности дека лицето не е запишано како носител на право во катастар на земјиште/катастар на недвижности издадено на име на подносителот на барањето; производствен план потпишан од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството; потврда од месно надлежниот центар за социјална работа за период за користење на правото; решение за остварено право на социјална парична помош (износ и број на членови); за инвалидно лице – наод и мислење за видот и степенот на попреченоста од надлежна институција; потврда од месно надлежниот центар за социјални работи за самохран родител; потврда од месно надлежниот центар за социјални работи за згрижување лице во згрижувачко семејство; ешение за старател на дете без родители и родителска грижа или лице со одземена деловна способност.
Во зависност од планираниот начин на користење на земјоделското земјиште на плодоуживање, се доделува: за одгледување на житни, фуражни и индустриски култури, за поединец – плодоуживател максимум до 4 хектари во систем за наводнување, и за здружени двајца плодоуживатели максимум 8 хектари во систем за наводнување; за одгледување на градинарски култури, за поединец – плодоуживател максимум 0,6 хектари во систем за наводнување, и за здружени двајца плодоуживатели максимум 1,2 хектари во систем за наводнување.
Согласно дефинираниот концепт за плодоуживање, корисниците на оваа Програма, по добивањето на земјоделското земјиште, ќе имаат право да користат и финасиска помош Де минимис за отпочнување на земјоделската дејност, и тоа: за корисниците кои ќе одгледуваат житни, фурнажни и индустриски култури ќе им следува еднократна парична помош во висина од 20.000,00 денари по хектар, но не повеќе од 120.000,00 денари, а за корисниците кои ќе одгледуваат градинарски култури ќе им следува еднократна парична помош во висина од 55.000,00 денари по хектар .
Покрај оваа помош, согласно Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2012-2013 година, Пилот Програма за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, на корисникот на плодоуживањето за првата година на плодоуживањето месечно ќе му се исплаќа надоместок во висина на социјална парична помош што ја земал до тогаш, исплата на придонеси за пензиско инвалидско осигурување и здравставено осигурување и исплата на надоместок за регистрација во регистарот на индивидуални земјоделци.
Во втората година, на регистрираниот индивидуален земјоделец ќе продолжи да му се исплаќаат придонесите за пензиско инвалидско осигурување и здравставено осигурување а износот на надоместокот од средствата на социјалната парична помош што ја земал до тогаш ќе се намали за 50%.
Во третата година плодоуживателот нема да биде корисник на овие мерки.
Tweet |