Петар Печков
Објавено: петок, 21 јуни 2019
Надлежните од ЈКП Дервен констатирале дека по должината на цевководот, кој од езерото Лисиче носи вода за пиење за градот, тој на повеќе места е оштетен. Неодговорни сограѓани, водата ја користат бесплатно за наводнување на нивните површини. Цевководот е во должина од 21 км. Велешкото претпријатие не прецизира колку случаи до сега откриле и колкава е материјалната штета.
Често се случува несовесни граѓани, поведени од целта бесплатно да ја искористат водата од цевководот од браната Лисиче до град Велес, за наводнување на сопствените земјоделски површини и напојување на стоката, вршат криминални дејствија. Тие оштетуваат елементи на цевководот-испусни вентили, делови од испусници и воздушни вентили и со тоа предизвикуваат неконтролирани истекувања на вода - велат од ЈКП Дервен.
На овој начин, поаѓајќи од сопствениот интерес, одделни земјоделци по должина на цевководот нанесуваат огромна штета освен на ЈКП Дервен, така и на земјоделските површини во непосредна близина на отштетениот цевководот. Тие прават грешка објаснуваат стручњаците, оти истекувањето на водата од оштетениот цевковод не може да се контролира и со тоа се предизвикува поплави на околните површини.
Од ЈКП Дервен апелираат за поголема свест кај сопствениците на земјоделски површини и сопственици на стока и потсетуваат дека манипулацијата со водоводните инсталации е незаконско дејствие и е казниво со закон. Водата која ЈВП Лисиче му ја испорачува на ЈКП Дервен е со цена од 3,82 денари за метар кубен или месечно 1,7 милиони денари а дел од неа се губи поради штетите од одделни земјоделци, кои со водата ги полеваат нивите и ја појат стоката.
Tweet |