речник контакт

Земјоделците од Градско и Росоман го блокираа патот Градско - Прилеп, оти ни по 10 дена од хаваријата на системот „Макарија“ нема вода за поливање

Земјоделците од Росоман и Градско имаат само едно барање, да се пушти водата во системот „Макарија“

Петар Печков

Земјоделците од општините Градско и Росоман го блокираа патниот правец од Градско  до Дреново. Блокадите се на две места, незадоволните земјоделци од Градско го блокираа патот кај исклучувањето од автопат за кон Охрид а додека незадоволните жители на Росоман кај Дреново.

„Имаме само едно барање да се пушти водата во хидросистемот „Макарија“ кој десет дена е оштетен по хаваријата. Досега никој од надлежните не излегол да каже кога ќе го оспособат. Нема вода, нема род а за нас нема живеачка. Како да обезбедиме средства за живот, кога културите не се наводнуваат“ - велат земјоделците, овоштарите од овој крај.

Според нивните проценки 10-12 илјади хектари се без вода. Во овој период не може да се полеваат праските, треба да се полева лозјето и пиперката „куртовска капија“, која сега се засадува.

„Ако нема вода нека прогласат елементарна непогода и нека не обесштетат. Што сме ние виновни за  да ја плаќаме нивната неспособност, да ја решат хаваријата“ - велат овоштарите.

Блокадата беше од 10 до 14 часот.

Хаварија се случила на 29 мај на сифонот на левиот магистрален канал на системот Макарија, по левата страна од течението на Црна река се до испустот кај село Ногаевци. 

Од овој систем  земјоделците  од Росоман и Градско  добиваат водата за наводнување.

Од  АД Водостопанство,  се огласија со писмено  соопштение дека има привремен прекин на снабдувањето со вода за поливање.

„Во моментов интензивно се работи на изнаоѓање технички решенија за ургентна интервенција и санација во најбрз можен рок, а се со цел враќање на системот во првобитна состојба“ -  соопштија од  АД Водостопанство. Но не кажуваат во кој временски рок тоа ќе го поправат.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »