Петар Печков
Објавено: сабота, 07 февруари 2015
Готвачите на Хотел Романтик се вратија со два медала од престижниот гастрономски фестивал ТАСЕФД, кој се одржа минатиот викенд во Истанбул Турција. Златен медал освоија во екипно практично натпреварување готвачите Руска Ајтова, Евгенија Јошевска и Горан Митев, додека поединечно бронза освои Евгенија Јошевска во подготовка на домашни равиоли.
Исклучително сме горди на оваа награда оти се натпреварувавме со асоцијации на готвачи на земји, кои се далеку поорганизирани, побогати, поискусни. Тие настапуваат на ниво на држава а бидејќи ние немаме такво здружение, се натпреваруваме индивидуално, како Хотелска групација Романтик. Екипата која го освои златото во категоријата практично екипно модерно подготвување јадење со учество на 24 земји, подготви ладно предјадење, главно јадење и ресторански десерт. Колешката Јошевска бронзата ја доби за изработка на италијанска паста диш, на лице место. Ја оценуваа 24 судии од сите земји кои се натпреваруваа во оваа категорија- изјави Руска Ајтова шеф на кујна во Хотел Романтик.
Јадењата се оценувале според работни способности, методи, хигиена и техника на работа, степен на различност, интензитет на вкусови, квалитет на состојки, користење на опремата. Второ жири ја оценувало композицијата на јадењето, националната вредност, искористеност на намирниците, количина на храна во чинијата, оригиналноста, неповторување на еден ист продукт, квалитет на гарнирање. Трет дел од жирито го оценувал вкусот, презентацијата во чинијата, комбинација на вкусови, визуелен впечаток, температура со која се сервира храната. Во јадењето со кое победиле користеле сушен домат, козјо сирење, македонска пршута, јунешки бифтек, гел од портокал.
Знаеме и умееме да ги привлечеме туристите. Имаме со што да го свртиме вниманието на светот. Гастрономијата е една важна алка во процесот на развој на туризмот. Таа е битен фактор за да се задоволат сите вкусови на гостите кои доаѓаат од странство - вели Ајтова.
Јадењето со кое тие победиле, гостите ќе можат да го вкусат на вечерата на Денот на вљубените, 14 февруари,кога присутните ќе ги забавува и тамбурашкиот оркестар Џезме од Куманово.
На 13-тиот гастрономски фестивал учествувале две илјади готвачи, во 20 категории, од 31 држава, од Македонија единствено натпреварувачи од Хотел Романтик - Велес. За три дена фестивалот го посетиле 25 илјади гости. Секое јадење било подготвено во две чини, една за жирито а втората за публиката.
Готвачите од овој хотел досега имаат добиено награди и медалји на Саемот во Нови Сад и на Брач, а во 2010-та и 2011-та организираше два ревијални гастрономски фестивали во Македонија.
Tweet |