Петар Печков
Објавено: четврток, 31 јули 2014
Во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес синоќа беше одржан концертот насловен „Македонска душа“ на квартетот на маестро Зоран Џорлев, а во чест на претстојниот празник Илинден. Концертот беше дел од манифестација „Топол културен бран“
Маестро Зоран Џорлев со својата виолина и својот квартет пред велешани настапи со обработки на македонски изворни стари песни, односно дел изворни и дел обработки. За крај остави интересна обработка на класика преплетена со македонска изворна музика. Ова ги воодушеви присутните.
Среќен сум што и јас како солист учествувам и сум дел од овој значаен културен бран, потенцира Џорлев. Тој настапи со квартетот МАКЕДОНСКА ДУША - состав од веќе познати реномирани уметници освен Џорлев (виолина и тамбура), членови се Бајса Арифовска (кавал, ут, виолина и клавијатура) Ратко Даутовски (перкусии) и Наско Џорлев (гитара и тамбура)
Интересно е што маестро Зоран Џорлев уште од своите почетоци во кариерата во 1988/89 година настапува на виолина изработена од велешкиот и македонски врвен мајстор за виолини Светозар Богдановски.
Џорлев потенцира дека има две виолини изработени од Богдановски, а од кои втората според него е врвна според светските стандарди и затоа е горд што ја има виолината на која настапи и на синоќешниот концерт во Велес.
Tweet |