речник контакт

Зошто се раскинати договорите за работа на 15 лица ангажирани со договор на дело од локалната власт

ВМРО-ДПМНЕ: договорите не се продолжени на стручни и квалитетни лица. Коцевски: тоа се времени вработувања, лицата нека конкурираат на конкурс кој ќе биде наскоро распишан

Петар Печков

На прес конференција одржана пред  зградата  на  локална власт  ВМРО ДПМНЕ го обвини градоначалникот  дека отпуштил 15 лица од општинската администрација.    

СДСМ и Аце Коцевски избркаа 15 лица кои беа работно ангажирани во Општина Велес. Во текот на вчерашниот ден градоначалникот Аце Коцевски не ги продолжил договорите на 15 наши сограѓани кои подолго време биле работно ангажирани во Општина Велес. 

Наместо на своите работни места во општината, на крајно суров и нечовечки начин, Коцевски ги испрати овие лица во Агенцијата за вработување за да се пријават како невработени. Нивниот единствен грев е тоа што не биле вработени во општината кога СДСМ биле на власт.

Без никаква издржана причина и без никакво оправдано образложение, на луѓе кои подолго време стручно и совесно работеле во Општина Велес им е даден отказ од работа.  Дел од нив работеле во области од голема важност за нашиот град како што се градежништвото, сообраќајот, културата, животната средина итн. 

Според нашите информации, отказ добиле и инженери и други стручни лица за кои во моментов општината нема соодветна стручна замена. На тој начин се загрозува квалитетот на општинските услуги спрема граѓаните, а истовремено и реализацијата на проектите кои ги започна општината предводена од ВМРО-ДПМНЕ а ги блокираше господинот Аце Коцевски - тоа се проектите за покривање на градски пазар, изградбата на кружниот тек кај Панини и пешачкиот мост кај Башино Село. 

После само еден месец од владеењето на СДСМ во нашиот град станува јасно дека Аце Коцевски нема намера да работи во корист на граѓаните, туку човек кој ќе биде локалниот егзекутор на политиката на „јадење живи луѓе“ најавена од Зоран Заев. 

Со ова сурово и нечовечко однесување, пред очите на целата јавност, СДСМ покажа како навистина ќе изгледа животот кој го ветуваа. Тоа е сеење страв, омраза, пресметка и брутален реваншизам со секој еден човек кој не е СДСМ – рече  Славчо Радевски советник од ВМРО-ДПМНЕ.   

Во врска со обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ за отпуштање на времено ангарирани лица од општинската администрација градоначалникот Аце Коцевски на  прес конференција  кажа дека не станува збор за реваншизам, туку за владеење на правото.

Текстот од прес конференциите кои го добивте на вашите меил адреси  е испратен од  страна   на лицето Живе Катранџиев  вработен во ЈКП  Дервен  и тоа во работно време што претставува уште еден пример на кршење на законите за партиски потреби.

Денеска сакам да порачам дека нема потреба од беспредметни обвинувања, со кои претставниците од ВМРО ДПМНЕ си ја перат совеста пред вработените во општината на кои претходниот градоначалник не им обезбедил место во систематизацијата и не распишал огласи за нивно вработување.  Тој ги вработил по основ на привремено  зголемен обем на работа, во време кога на градоначалниците и советите им беше спорен мандатот, кога почна изборната кампања, кога многу работи не функционираа во општините. 

Најголемото прекршување на Законот што е направено од страна на поранешното раководство на општината е прекршувањето на Законот за административни службеници. Имено и покрај тоа што не ги исполнуваат условите за административна служба, на времено вработените лица им биле давани задачи кои вклучуваат бесправно давање на  статус на државен службеник, работа на управна постапка и потпишување на важни документи со што грубо се прекршени речиси сите членови на Законот за административни службеници. Уште полошо, ангажирани се лица без соодветни компетенции за одредени работни места како што налага законот. Со ова општината и граѓаните постојано биле доведувани во опасност да бидат оштетени во управните постапки.

Обвинувањата дека капиталните проекти како градскиот пазар, мостот кај Башино Село и други се запрени поради тоа што овие лица работеле на тие проекти е голема глупост. Бидејќи како што реков времено ангажираните лица се без компетенции соодветни за работните места бесмислено е да се прашува колку тие умеат да работат на комплексни проекти како гореспоменатите.

Јас не ги делам луѓето по партиска основа туку само на професионалци и луѓе кои земаат плата без работа, само по партиска заслуга. Тоа мора веднаш да престане ако сакаме да напредуваме.  Утврдив дека со постапките за времено вработување и грубото кршење на Законот за административни службеници како  и зачудувачката бројка од дури 41 лице кои биле ангажирани по партиска линија, граѓаните на Велес месечно биле оштетени со сума од    950.360   денари заради партиски интереси.

Една од причините што долгот на општината е 2.700.000 е токму оваа. Во наредниот период ќе се врши пополнување на работните места кои ги има многу во општинската администрација, пред се раководни места, со распишување на јавни огласи, со водење на соодветна постапка предвидена со законот, а не на ваков начин како што тоа е направено.

Сите тие што сега се  уште во општината и сите тие на кои им е прекинат работниот однос ќе имаат право да конкурираат доколку ги исполнуваат законски предвидените услови.- рече Коцевски. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »