Петар Печков
Објавено: понеделник, 30 јули 2018
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција го обвини градоначалникот на Велес, дека ја бојкотирал манифестацијата ,, Илинденски марш,, и не ги примил да преноќеваат во Велес 24-те учесници.
Некоректен и арогантен однос на градоначалникот Аце Коцевски пред два дена на пречекот на 24 коњаника од Манифестација ,,Илинденски марш,, ги премина сите на човечко достоинство и почитување. Откажувањето на гостопримство на учесниците со 40 годишна традиција е незапаметен гест. Прашуваме зошто доколку мислеше да го направи овој срамен потег оти не го изјави на време, туку непосредно пред пречекот на Илинденците. Зошто Коцевски ги остави продолжувачите на традицијата на дождот, без никакво организирано сместување? Дали на Титовиот стипендист му беше поважно да присуствува на одбележување на Работната акција ,,Катланово,, или како татко на градот да им пружи гостопримство на учесниците на Илинденскиот марш. После една година тој го покажа своето вистинско лице, негатор на сопствената историја. Големиот срам е само негов, со одбележувањето на значајни настани историски датуми од блиската и подалечната историја. Пример е неколкукратното одложување на Вардарската регата, симболот на велешките Гемиџии за борбата за слобода на Македонскиот народ - кажа од говорницата Кире Лазов потпретседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ за Велес.
Тој во изјавата градоначалникот Коцевски го нарекуваше ,,самопрогласен патриот,,. На прес конференција реагираше Коцевски, објаснувајќи што се случувало при подготовките на пречекот на Илинденскиот марш.
Имав официјална средба со двечлена делегација. Ги информирав дека поради долговите не можам да финансирам вечери, појадоци, трошоци за престојот. Образложението е дека организатор е Општина Аеродром и тие да обезбедат средства за сите активности, како што ние обезбедуваме средства за учеството нашите -велешки манифестации. Им понудивме да престојуваат на езеро Младост, каде и претходно престојувале минатите години, оти Градскиот парк е полн со рекреативци, луѓе кои спортуваат и не е во ред таму да има коњи. Не добивме одговор. Наспроти тврдењата дека велешани спонтано се собрале, ние на нашата официјална веб страница ја известиме јавноста во колку часот ќе минат из Велес. За прозивките од ВМРО-ДПМНЕ дека сум го бојкотирал настанот, јас одлучувам што е приоритет. Отидов во Катланово оти собирот се случи прв пат по 40 години а коњаничкиот марш е секоја година. Ако веќе зборуваат за бојкот, јас не ги обвинив советниците од опозицијата за бојкот што ги немаше на Фолклорниот Фестивал, на Фестивалот во Стоби, на Рацинови средби. Заради помладите, на кои им се труби дека само ВМРО-ДПМНЕ се патриоти другите се предавници, да потсетам дека химната на град Велес ,,Бог да го прости Миле Поп Јорданов ,, е избрана по мој предлог, на мој предлог е подигнат споменикот на Илинденците во центарот, споменикот на Гемиџиите, салата и нов мост го добија името Гемиџии - рече Коцевски.
Тој кажа дека последните месеци е цел на организирани жестоки напади и навреди со вулгарни непристојни, уличарски зборови и закани со зборовите ,,куршум за градоначалникот на Велес,, .За квалификацијата дека е самонаречен патриот Коцевски кажа дека е горд на потеклото, оти прадедото е убиен од четничкиот војвода Јован Бабунски а дедо му загинал во НОБ.
На саботната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски обвини дека прв братучед на градоначалникот Коцевски, Трајче Трајков, сопственик на Хемија комерц, добил грант од Фондот за иновации.
Се работи за прв братучед на велешкиот градоначалник од СДСМ Аце Коцевски. Дали Трајче Трајков, прв братучед на Аце Коцевски од СДСМ е уште еден сомнителен иноватор кој земал околу 45.000 евра од фондот за иновации? Трајче Трајков со неговата фирма Хемија Комерц ДООЕЛ Велес преку Фондот за иновации земал 45.000 евра народни пари за проектот ,,Сопствено производство на готови керамички маси за производство на трпезни керамички садови’’, истакна Арсовски.
Ова дел од црната кампања која се води против мене. Не може конфликт на интерес да биде до 16-то колено. Ако сум сакал да искористам, ќе сум искористел за мојата фирма. Не ми доаѓало ни на крај памет за такво нешто - рече Коцевски.
Одговарајќи на прозивките дека е виновен за одложувањето на Вардарската регата Коцевски упати одговор за тоа да дадат од здружението ,,Вардарска регата,, кое е организатор на манифестацијата
Tweet |