Петар Печков
Објавено: сабота, 19 мај 2012
Маја Иванова, сопругата на претседателот, Пол Волерс, амбасадор на САД, Гордана Јанкуловска, министерката за внатрешни работи и претседателката на Здружението Борка Биба Додева, ја предводеа прошетката што почна на плоштадот Македонија во рамки на кампањата за борба против рак на дојка. Тие упатија порака за важноста на раната дијагноза и поддршка на пациентите, како основен предуслов за победа над ракот на дојка.
Четвртата традиционална кампања за борба против рак на дојка е насловена „Напред розово 2012-Чекори против ракот на дојка“ и се одржа во организација на Здружението Борка - За секој нов ден, во соработка со Здружението Интегритет Алфа и Омега и Амбасадата на САД.
Денес обоени во розовата боја ќе чекориме за нашите сограѓанки, оние кој што секојдневно ја водат битката со ракот на дојката, чиј што живот е пред огромен предизвик, најтешкиот а за кој имаат потреба од секаква поткрепа, подадена рака, поддршка и прегратка, изјави сопругата на претседателот Иванова. Сите ние денеска, додаде таа, ќе бидеме потсетник дека ракот на дојката е реалност и оти може да и се случи на секоја жена.
Биба Додева, пејачка и претседател на Здружението „Борка“ рече дека огромна чест и е да ги види сите поддржувачи затоа што оваа борба не треба да ја препуштиме на другите, бидејќи таа борба е наша борба.
Американскиот амбасадор во Скопје Волерс изрази задоволство што е тука со својата сопруга за да даде поддршка на кампањата и со тоа да придонесе за зголемување на јавната свест кај граѓаните за оваа болест. Амбасадата на САД во Скопје вечерва во знак на поддршка на кампањата ќе биде „обоена“ во розова боја.
На околу 750 жени годишно во Македонија им се дијагностицира рак на дојката
Tweet |