речник контакт

И годинава се работи на истражување, конзервација и реставрација на античкиот театар во Стоби

Ископувањата се насочени кон откривање на ѕидовите и коридорите на горниот дел од гледалиштето

Петар Печков

Од средината на месец мај започнаа работите за истражување, конзервација и реставрација на театарот во Стоби, проект  кој се  реализира од 2013 година.Годинава се работи на археолошки ископувања и конзервација во источната половина од гледалиштето.  Финансиран е од годишната програма на Министерството за култура при што за оваа година се издвоени 3,8 милиони денари. 

Ископувањата се насочени кон откривање на ѕидовите и коридорите на горниот дел од гледалиштето. Целта е да се добијат податоци за изградбата и употребата на театарот, системот за циркулација на публиката, како и за измените кои настанале по земјотресот од околу 300 година н.е. Исто така, цел на истражувањата е и употребата на просторот по напуштањето на театарот и неговата релација со Епископската базилика  - информираат од НУ Стоби.

Конзерваторско -реставраторските зафати ќе започнат кон средината на јули и ќе се одвиваат до крајот на ноември. Работите ќе бидат насочени кон конзервација на видливите ѕидови од сценската зграда и комплетирање на реставрацијата на остатоците од долниот сегмент на гледалиштето, односно лежиштата за мермерните седишта од 15-иот до 18-иот ред.

Со комплетирањето на работите во 2019 година, ќе се отвори простор за конзервација на мермерните елементи од сценската зграда, како и отпочнување со реконструкција на мермерните седишта од источната половина на гледалиштето. Финалната цел на Проектот за истражување, конзервација и реставрација на театарот во Стоби е заштита и ревитализација на овој импозантен споменик од римското време кој некогаш можел да собере околу 7 600 гледачи.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »