Петар Печков
Објавено: петок, 23 февруари 2024
И министерот за земјоделие Љупчо Николовски не се согласува со Владината одлука сончогледот да има покачен ДДВ на 10 отсто, како луксузен производ. Таа беше донесена од страна на Владата во октомври лани, но и покрај реакциите на земјоделците- одгледувачи на сончоглед и на велешка Маслодајна, единствениот производител на масло за јадење од сончоглед, и по четири месеци стапката не е намалена.
„Имаме поднесено официјално барање до министерството за финансии, уште кога се правеше одлуката за промена на одредени даноци. Јас сметам дека стапката треба да се врати,нема логика данокот на основната суровина -сончогледот, за производство на масло за јадење сончогледот да биде 10 отсто а на нерафинираното масло кое се преработува да биде 5%. Вчера разговарав со министерот за финансии и тој ги задолжи ресорите оваа измена да биде што поскоро направена. Веднаш штом Владата ќе може да носи одлуки, оваа стапка ќе биде исправена“ – кажа Николовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој беше во Велес на средба со земјоделците одгледувачи на сончоглед да им соопшти дека е донесена одлука да се поддржат со 5 денари по килограм за предаден сончоглед кај регистрирани откупувачи. Ова доаѓа по ланските реакции дека поради лошите временски услови имаше мал род и пониска откупна цена, во 2022 беше 37 денари за кг а лани 23 за кг.
Велешка Маслодајна уште кон крајот на октомври побара сончогледот да се тргне од листа на луксузни производи, откако ДДВ за оваа индустриска култура Владата го покачи од 5% на 10 отсто. Од сончогледот се произведува масло за јадење кој е стратешки прехранбен производ. Директорот на Маслодајна со конкретно решение, како да се реши наметнатиот проблем.
„Стапката од 10 отсто ги оптоварува домашните земјоделци и нас како преработувач. Ако намерата беше да се полни Буџетот со таа зголемена стапка од 5 на 10 отсто, предлагам тоа да го сторат со покачување на ДДВ за увоз на нерафинирано масло. Колку пари се собира од шест илјади домашен сончоглед наспроти 15 -20 илјади увезено сурово масло, сметката е јасна. Така Владата ќе ги штити домашните одгледувачи на сончоглед и ќе има бенефит за Буџетот. Земјоделците кои одгледуваат сончоглед во земјава се со обезбеден пласман. Ние го откупуваме целото количество на оваа индустриска култура во Македонија. Тие немаат грижа дали родот ќе биде откупен, ниту дали ќе биде исплатен, досега немаме долг кон ниту еден земјоделец“ – кажа Горан Лазов, директор на „Маслодајна.
Лани Маслодајна откупи околу пет-шест илјади тони сончоглед, наспроти 11 илјади во 2022 година. На намалениот род влијаеше временски лошата години, но и што некои одгледувачи решија сончогледот да го извезат од земјава.
Tweet |