Петар Печков
Објавено: петок, 08 април 2022
Набавката на цветен расад, кој треба да ги разубавува јавните површини во градот, ги скара советниците. Колку пари е потребно за оваа намена, беше спорно за членовите на Советот па тие дебатираа и полемизираа на оваа тема. Со предвидената програма за уредување на заштита на животната средина се предвидува наместо со 1,1 милион уредувањето со цветен насад да се буџетот да се зголеми на 1,9 милиони денари.
„Сакам градот да е уреден, цветен, но во некоe подобро време. Во време кога светот е во економска криза, кога цените на енергенсите се качуваат, кога храната поскапува, не се согласувам да се издвои поголема сума од предвидената за да се уредува. Тоа во овој момент не е неопходно“ - кажа Димитар Абрашев од Левица.
Дел од советниците сметаат дека откако ќе бидат насадени, расадот ќе биде украден од страна на неодговорни граѓани и дека е погрешен приоритетот при префрлањето на средствата.
„Не се работи за проширување на Буџетот,туку префрлање од една во друга ставка. Ако во време на криза го прошируваме Буџетот би прифатил критика, но вака таа воопшто не држи“ - вели Даниел Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа измена се прави заедно со ЈКП Дервен. Констатирано е дека дел од дивите депонии кои ги има во градот се исчистени и не се потребни толку средства за таа намена и најдобро е да се префрлат за хортикултурано уредување. Како што растат цените на се, така пораснаа и на расадот“ - кажа Петре Цилаков, раководител на секторот за урбанизам и животна средина.
„Немаме за леб а трошиме за чоколадо, велеше еден позната економист на јавноста. Ова најдобро го отсликува моментот со зголемување на обемот на средства наменети за хортикултурано уредување“ - кажа Пандорка Прличкова од СДСМ.
Точката со 17 гласа за беше усвоена.
Tweet |