речник контакт

И по дожд годинава велешани на манастир

Ниту врнежливото време не пречеше велешани масовно пеш да се упатат кон манастирот Св. Димитрија

Петар Печков

Секој прв четврток после Велигден  е ден кога илјадници велешани го посетуваат и повторно оживува манастирот Св. Димитрија. Овој ден во православниот календар е  запишан како Источен петок - Балаклија  а тој е патрон  на манастирот, ден кога се чествуваат светите води.

Тоа е повод два дена, четврток попладне и петок  претпладне многу народ да дојде и запали свеќа за здравје во овој храм. Манастирот е стар повеќе векови. Така беше и годинава а ниту врнежливото време не  пречеше велешани пеш да се упатат кон манастирот.

Имам седумдесет години идам од кога паметам за себе и ќе доаѓам се додека ме служи здравјето. Ова е голем празник за велешани, за храмот, за сите нас. Оставам аманет младите да го чуваат и негуваат, бидејќи верата го одржала овој народ со векови - вели Николина Стојанова, која заедно со нејзините сосетки пешачеа многу пат ,  по ситниот пролетен дожд,  повеќе од  два километри за да стигнат до храмот.

Никој  не се жалат на изоденото, бидејќи им било задоволство да се сретнат тука со пријателите со кои одамна не се виделе. Овде доаѓа и старо и младо, и православни и муслимани, овој ден ги собира  сите велешани кои доаѓаат  тука  и од други градови во Македонија. Не ја пропуштаат можноста да запалат свеќа за здравје.  Славата на  манастирот Св. Димитрија за велешани   и за црквата  има посебно значење .

Источен петок Балаклија е верски празник посветен на „животодавниот извор“ или изворот што живот дава, чија сила ја почувствувале не само христијаните туку и други верници. Затоа тука многумина доаѓаат со надеж за спас и верба дека лошите сили ќе бидат истерани.

Манастирот има интересна историја, бидејќи пет века бил затрупан под земја, за да биде сочуван од османлиите.  Во 1820 откако на сон му се јавил на еден воденичар, Петар Здравев повторно ја догледува  светлината на денот. Затоа велешани со гордост и љубоморно ја чуваат оваа традиција, масовно го посетуваат манастирот.  

Но освен него преполни со посетители и верници овие два дена се и неколкуте црквички и параклиси, изградени тука на стрмните карпи Св. Никола, Св. Недела, Св. Петка, Св. Јован.  Околу 500 оброка, четврток за вечера -  велешка јанија и петокот за ручек - шкето, традиционално  се делат во конаците на манастирот.
Освен што ќе го посетат храмот, верниците тука ќе се видат и со познати со кои одамна не се дружеле.

Источен Петок Балаклија се празнува  поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус и на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Водени од ваквото верување, многумина доаѓаат во месноста Црн камен, која е во близина на манастирот Св. Димитрија. Тоа е вакавско место, каде има водопад висок дваесетина метри.

Верувањето е дека треба да се мине под него три пати и ако водата го намокри човек, желбата се исполнува. Ако пак водата бега од посетителот при минувањето, тој бил многу грешен. На ова место доаѓаат и бројни посетители од цела Македонија, кои  слушнале за исцелителната моќ на водата и се надеваат дека и тие  ќе добијат рожба. Многумина  се вратиле следната година, за да потврдат дека ова е вистина и дека тие добиле деца,  а чудото се случило откако  минале под водата. На ова место се доаѓа  се до Спасовден.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »