речник контакт

И повторно доживотна за убиецот на Ркулот и Влатко Андреев

Скопскиот кривичен суд и на повторениот судски процес му изрече казна доживотен затвор на скопјанецот Тони Денковски, обвинет за трикратното убиство во скопскиот ресторан „Биг фиш“.

Петар Печков

Скопскиот кривичен суд и на повторениот судски процес му изрече казна доживотен затвор на Тони Денковски, обвинет за трикратното убиство во скопскиот ресторан „Биг фиш“. Според судијката Љубинка Башевска, Денковски е виновен за трикратното убиство, како и за недозволено поседување огнено оружје. За убиствата на Јордан Јорданов, полицискиот инспектор Владо Милошев и на Влатко Андреевски судот го осуди Денковски на максимална казна, а за поседување автоматска пушка „калашников“ на уште пет години затвор. Според законот му е изречена единствена казна доживотен затвор - пресуда која е идентична со онаа што му беше изречена претходно.

Иако објавата на пресудата претставуваше изненадување како за застапникот на обвинението и за адвокатите на оштетените така и за обвинетиот Денковски и за неговите бранители, но судот рече дека подолго време наназад размислувал за целиот случај и за санкцијата за стореното.

На изрекувањето на максималната затворска казна му претходеше давање завршен збор. Јавниот обвинител рече дека во целост биле испочитувани упатствата на Врховниот суд и обвинетиот бил вештачен од тим на Судско-медицинскиот одбор. Обвинителот рече дека во прилог на обвинетиот треба да се земат и олеснителните околности, но дека треба да се има предвид дека Денковски усмртил три лица и затоа бара најстрога казна за него.


Самиот Денковски се сложи со одбраната на своите адвокати и потврди дека останува на веќе дадениот збор.

„Немав никакви недоразбирања со Владо Милошев и со Влатко Андревски и затоа жалам за тоа што се случи. Впрочем, жал ми е за Јорданов, но тогаш тоа беше единственото решение“, рече осудениот Тони Денковски.

Настанот за кој Тони Денковски повторно е осуден на максимална затворска казна се случи на 2 септември 2010 година. Тој од автоматско оружје во рибниот ресторан „Биг фиш“ во скопската населба Аеродром, со три кратки рафали ги усмрти велешаните Јордан Јорданов викан ’Ркулот и Влатко Андреевски и полицискиот инспектор Владо Милошев. На трагичниот настан му претходела случајна средба на сега осудениот Денковски со Јорданов, кој бил во друштво со сега покојните и со уште една девојка. Тој, на кратко, го напуштил ресторанот и заминал дома, а кога се вратил, од пластична вреќа извадил „калашников“ и од него стрелал во своите жртви.

За трикратното убиство Денковски беше осуден на максимална затворска казна, која беше потврдена и од скопска Апелација, но поради направени пропусти за време на постапката Врховниот суд наложи ново вештачење на обвинетиот, односно повторување на постапката од почеток. Инаку, и по две години минати зад решетки за Денковски немаше судска пресуда, но нему мерката притвор му беше продолжена со судска одлука.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »