Петар Печков
Објавено: сабота, 22 февруари 2014
Не ретко, на зелените пазари и во маркетите потрошувачите ги допираат лебот, овошјето, зеленчукот, месото,…, ги притискаат, мирисаат, а потоа ги враќаат на истото место. Продавачите, пак, често, едновремено послужуваат и наплаќаат, ги „пипаат“ и производите и парите без да ги измијат рацете.
Оттука се наметнува дилемата, дали добрата хигиенска пракса, ХАЦЦП, максималното почитување на стандардите за безбедност на храната,…, се само фрази кои треба да ги убедат купувачите во сигурноста на производот или секојдневното пазарање навистина покажува дека го добиваме она што го плаќаме.
Нема статистика која може да каже колку луѓе завршиле на инфективна клиника поради купување храна контаминирана од нечисти раце иако се бројни случаите на заболени од жолтица, цревни инфекции, стомачен тифус,…
Колку луѓе го допираат лебот пред да дојде во продавница?
Според истражувањата, лебот „минува“ низ најмалку 40 раце пред да дојде до крајниот потрошувач.
Првиот контакт е „на нива“, уште при жетвата, следен „ризик“ е складирањето, пакувањето, транспортот до пекарниците, истоварот… Процесот продолжува со контакт при месењето, печењето, вадењето од фурна. Нова серија „контаминација“ е доставата на лебот до продажните места и неговото редење на полиците. Кругот се затвора со „пипкањето“ на купувачите кои проверуваат дали е тазе, крцкав, топол…
Патот до трпезата финишира со наплатата, кога касиер(к)ите уште еднаш го допираат.
Слично е и со земјоделските производи и со месото.
Нехигиенска услуга
Според потрошувачите, во продавниците најчесто, истиот продавач го подава лебот, сече сувомесни производи, евентуално сирење или кашкавал, црпи маслинки, мери овошје и зеленчук. Еден човек, на еден пулт послужува и сувомесни и млечни и други производи.
Вообичаено е, велат, и продавачот пред да го послужи купувачот, да му враќа кусур на оној пред него, фаќајќи ги притоа парите со голи раце.
Парите извор на зараза
И продавачите потврдуваат дека во текот на денот допираат и пари и прехранбени производи, но не секогаш имаат време да ги измијат рацете.
Свесни сме дека хигиената не задоволува, но за жал, така се работи во повеќето продавници. Ние и наплатуваме и пакуваме леб, во меѓувреме сечеме и сувомесни производи. Рацете некогаш ги миеме на половина час, но некогаш не стигнуваме ни на два часа, признава вработена во локален маркет.
Организацијата на потрошувачи сугерира санитарните инспектори почесто да прават контроли.
Поплаки за „нехигиенска услуга“ во маркетите досега немаме добиено што не значи дека таков проблем нема. Сепак, ова е работа на санитарната инспекција која треба почесто да прави контроли дали продавачите ги почитуваат обврските, дали носат ракавици за еднократна употреба особено при сечењето сувомесни, манипулирање со лебот и белите печива, млечните производи, истакнуваат од Организацијата.
Инспекторите не можат да им наложат на работодавачите да одредат еден човек чија задача ќе биде само да наплаќа. Токму парите, нагласуваат, се извор на зараза. За да биде се санитарно беспрекорно, продавачите треба да ги мијат рацете после секоја плескавица, но сите знаеме дека не се прави така.
Tweet |