речник контакт

И со 86 години зад воланот

Томе Смилевски, највозрасниот возач во велешко

Петар Печков

Секојдневно велешанецот Томе Смилевски седнува во неговиот Цитроен Ц-3 и се упатува до полето, лозјето. Така го минува слободното време кое го има во текот на сите часови од денот.  Иако ги има наскоро полни 86 лета, Томе е редовен возач по велешките улици.   Живее зад за велешани популарниот Уред, иако за искачување на високата угорнина е потребно вештина, тој без проблем ја освојува и во тесниот простор, безбедно се паркира во гаражата.  Тој е највозрасниот возач во велешко.

Така викаат, не сум испитал дали е точно, ама потврдено е од две места. И од внатрешни  каде ми ја продолжија пред некој ден возачката и од докторите кои потврдија дека сум во одлична здравствена состојба за да возам и управувам автомобил – објаснува Томе.  

Последните две години тој ја продолжува неговата возачка за по една година, согласно законските прописи.  Вози од 1958- година. Пролетта пред 58 години, тргнал да полага за мотор а положил и  за кола. Во тоа време немало автомобили, биле реткост па тој со знаење за управување со здобил возејќи џип.

Бев да полагам за мотор, ама знаев да возам џип. Оти вработен во Лозар, со возачот често одевме на терени каде требаше да гледаме како напредуваат стадата, површините. Така гледајќи како тој вози, научив и  јас. Кога се полагаше комисијата побара да возам до Манастирот Св. Димитрија, јас без проблем извозев, тие се чудеа, ми честитаа, претходно положив и за мотор и така во еден ден, добив две дозволи- објаснува Смилевски.

Во прво време на мотор ја возел и сопругата Анѓа, тогаш девојка  а таа  и денес е негов совозач. Дели совети, укажува на знаците, но Томе додава дека е најсигурен тоа што ќе го види со сопствените очи. Со сопругата денес со автомобилот се упатуваат на прошетка до манастир, до Св. Илија а, пред некој ден ја однел и сопругата на преглед во Скопје.

Управувајќи четири тркала, ја минал цела поранешна Југославија, како дел од раководството на поранешен Лозар. Иако имал шофер, тој знаел да седне зад воланот и вози. Така во една  пригода бил и до Келн –Германија, каде Агро комбинатот учествувал на тамошен саем на земјоделски  производи. Возел и до Турција, Бугарија, Австрија, секое лето со приколка ,,Брако,, на одмор во Грција.

За својот без малку шест децениски стаж извозел повеќе марки автомобили,  прво ,,опел 1700,,  па  ,,лада,,која ја возев 40 години и сега децава ме караа дека треба понова и синот Румен  ми купи ,,цитроен 3,, плус  тие од работа, меѓу нив и ,,москвич,,.  

Но не возев само автомобили. Возев и трактори и комбајни во ,,Лозар,,. Со трактори заорував, со комбајни првите снопови ги жнеев. Возачите бараат, ајде покажи како да ораме, да жнееме и така во пракса јас прв, па  после шоферите. Да кажам дека првата кола што  ја имав, ја продадов во Валандово. И потоа кога ќе ја видев во Велес натоварена со патлиџани, чушки кои ги носеа тука на пазар, срце ме болеше  – вели Томе.  

Објаснува дека од толку годишното искуство, велешани биле добри и дисциплинирани возачи. Но има порака до надлежните, од искуството последните години кога оди на доктор за да ја продолжи возачката.

 Бевме стотина луѓе на возраст од 17 до моите 86 години, заедно во еден куп. Ми беше срам да се буткам во редица со децата, тие можат внуки и внуци  да ми бидат. Можеле да направат во различен ден, ние постарите  над  70 години да бидеме посебно на преглед – заврши Томе.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »