речник контакт

И со намален буџет, издадени новите стрип изданија

Отпечатени се четири стрип книги, три стрип изданија и една стрип сликовница за деца

Петар Печков

Стрип центарот на Македонија, со седиште во Велес ги издаде стрип изданијата, кои финансиски беа поддржани од Министерството за култура, со годишната програма. На читателската публика на деветта уметност, како што е означен стрипот, понудени им се четири стрип книги, три стрип изданија и една стрип сликовница за деца. 
 
За разлика од минатите години, кога секоја стрип книга која ја побаравме, и добивме средства за реализација, годинава имаме скратена програма, и по број на изданија и по средства кои ги добивме за нив.   Побаравме единесет,  добивме пет стрип книги.  Добивме и далеку помалку средства од тие што ги побаравме, за да ги отпечатиме. Со овие добиени средства едвај можеме да ги покриеме трошоците за печатење, за хонорари, за лектор - кажа Ване Трајков претседател на  Стрип центарот на Македонија, со седиште во Велес.

Издадени се „Св Кирил и Методиј“ од Миле Топуз, „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ 2000-2007“  од Александар Стеванов, „Скендербег“ од Џон Марку,  „Македонски стрип алманах“ , како и два броја на „Стрип креатор“ бр.31 и бр.32. Издадена е и стрип сликовницата  „Лили и тигарчето Вили“ од Сребрена Трајковска.
 
На прашањето дали има читателска публика, која овие изданија ќе ги чита, Трајков вели има читатели кои ги имаат сите броеви и се вистински фанови на македонскиот стрип.  

Отпечативме по 300 примероци од секоја книга, една третина одат за државните институции каде мораме да доставиме и 200 примероци ќе се најдат во продажба. Има една специјализирана професионална стрип книжарница „Бункер“  и уште неколку други каде се продаваат и други нешта, таму ќе ги понудиме. Има заинтересирани кои редовно ги купуваат - додаде Трајков.  

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »