Петар Печков
Објавено: среда, 05 јануари 2011
Празни се откупните центри во велешко а земјоделците не го предаваат обработениот тутун. Таква е состојбата во четирите пункта каде поради незадоволство од цената, тутунарите чекаат да дојдат подобри денови, па да почнат со предавањето. Тие не протестираат на улица, но не сакаат нивниот труд да се цени нереално.
Додека се тука претставниците на државните институции, откупувачите тутунот го земаат со добра цена и добра класа, прва или втора, но веднаш штом тие ќе заминат паѓа вредноста. Очекувам дека ситуацијата ќе се поправи и тогаш ќе го дадам тутунот. Вака беше и пред две години, затоа сега не го предавам. Има голема разлика во цената по класи и тука е проблемот, како и нереалната проценка – вели тутунопроизводител од населба Чашка.
Дури 80 отсто од семејствата од оваа рурална општина живеат од тутунот и чекајќи подобра цена повеќе се пред вратите на двата откупни центри на Алијанса Уан и на Центро табак, отколку внатре. Во велешко потпишани се 1870 договори за одгледување тутун на илјада хектари и се очекува да се откупат две илјади тони. Но засега предадениот тутун е симболичен и мал.
Земјоделците се незадоволни се бидејќи трошоците кои ги дале за одгледување на тутунот, кирија за земјата, ѓубриво, садење, семе, орање немало да се покријат од добиените пари а не за живот за четиричлено семејство. Во ваквата состојба се увери и министерот за земјоделие кој ги слушна поплаките на тутунарите од општина Чашка. Тој бара од проценувачите праведно и правично вреднување на квалитетот на тутунот а со тоа и реална цена, како и ублажување на критериумите на проценката.
Има потешкотии во откупот, со дел од претпријатијата. Министерството не е задоволно бидејќи некои од нив имаат премногу ригорозна проценка на квалитетот на тутунот а одделни компании откупувачи дури и под мерилата, што не е прифатливо. Изминатите денови се изречени 42 решенија за санкции за нереална проценка во висина од 188 илјади евра. Инспекторатот и натаму ќе делува во согласност со Законот, за да ги заштитиме одгледувачите и да издејствуваме реална цена на тутунот – изјави Министерот за земјоделие Љупчо Димовски при посетата на Чашка.
Тој посочи дека во Македонија, во 12-те региони каде се врши откупот, досега се предадени 1,7 илјади тони тутун а просечна цена е околу 144 денари за кг.
Tweet |