Петар Печков
Објавено: вторник, 01 ноември 2022
Игор Смилев, член на политичката Партија Левица во Велес, денес во ОЈО Велес даде изјава по кривичната пријава која МВР ја поднесе против него.
Тој заедно со уште три други лица се сомничат преку ФБ пишувале расистички коментари и повикувале за насилство кон други лица.
Смилев на денешната прес конференција, која ја одржа пред зградата на ОЈО Велес, ја кажа неговата одбрана за овој случај, која се темели дека бил предизвикан од лошиот француски предлог, за решавање на политичкиот спор со Бугарија, за влез во ЕУ.
„Повампирувањето нa фашизмот кој го носи Францускиот договор, ги повампири ксенофобијата и расизмот. И колку да звучи иронично, делата за кои сум осомничен , се потенцијален зародиш од Францускиот договор кој е извор на сите зла. Мислам дека со овој договор Македонија е фрлена на колена а АСНОМ е разнебитен. Се што излезе од Францускиот договор е Пандорината кутија на ревидирање на историјата, повампирување на фашизмот. Тоа доведува до расизам и ксенофобија. Ние што ги браневме придобивките од АСНОМ се наоѓаме на обвинителна клупа, да одговараме за расизам и ксенофобија. Тоа е апсурдот на 21 век“ - кажа Смилев. Тој е и член на Советот на Општина Велес и претседател на ЕГ Зелена сила .
Есента 2012-та против Игор Смилев членот на Зелената коалиција, приватната тужба поднесе Тони Димитриоски, управителот на Метрудхем, читај Топилница. Се однесуваше за навреда и клевета. По неколку рочишта, во мај 2013 истата беше повлечена.
Претходно Димитар Абрашев, прв човек на политичката Партија Левица во Велес, нејзин модератор за градот, беше повикан на сослушување во ОЈО Велес. И тој е осомничен дека преку ФБ пишувал расистички коментари и повикувал за насилство кон други лица. Абрашев денес соопшти дека по давањето на неговата изјава на 19 октомври, не добил јавно обвинителна одлука за овој предмет, дали ќе се поднесе обвинение или ќе биде ослободен.
На 30 септември МВР соопшти дека, СВР Велес поднело кривични пријави против Е.А.(43) од Горно Оризари и против И.З.(39), Д.А.(29) и И.С.(48), сите од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Пријавените на 12, 15 и 17 јули годинава на нивните профили на социјалната мрежа Фејсбук напишале коментари и објави со кои ширеле невистини и повикувале на омраза и нетрпеливост и насилство кон други лица или групи.
Tweet |