Петар Печков
Објавено: петок, 29 јули 2011
Играорците од НУ ,,Танец,, се спасија од смрт откако нивниот автобус заглавил на железнички премин во центарот во Велес. Секунди ги делеле најквалитетните македонски играорци од катастрофата откако заглавиле во колона и се нашле среде пруга.
Во велешката полиција е регистрирана настанот, кој се случил околу 19 часот, но нема никаква пријава за предизвикување на опасност во сообраќајот. Ниту членовите на НУ ,,Танец,, не сакаат да зборуваат за инцидентот, ниту негираат ниту потврдуваат. Очевидците во детали го опишуваат настанот од кои присутните им се кренала косата на главата. Тој се случил кога автобусот полн со членови ан НУ Танец доаѓал на концерт во Велес а се создала гужва поради доаѓањето на коњаниците, кои минувале во правец на Крушево.
Се создаде огромна колона возила, поради коњаниците кои во центарот на Велес поставуваа цвеќе за Илинденците. Автобусот застана на шините од пругата, а за неколку секунди подоцна да се запалат сигнализационите светла, дека ќе се спушта рампата и доаѓа возот. Тој остана заглавен меѓу нив, не можеше ни напред ни назад. Возачот отиде да побара помош од полицијата да ја растера колоната за да можат да се поместат напред. Гледајќи дека нема време, членовите на ,,Танец,, избегале од заробениот автобус, кој возачот во последен момент го извлекол – велат бројните сведоци, кои немо гледале надевајќи се дека нема д асе случи трагедија.
Времетраењето од започнувањето на звучната сигнализација,преку спуштањето на рампите, до минувањето н возот, кај овие автоматски рампи е 45 секунди. Од полицијата тврдат дека возачот не бил надвор од автобусот и дека бргу го отстранил возилото од шините. И покрај инцидентот коњаниците положија цвеќе пред споменикот на Илинденците во центарот на Велес, а НУ Танец го одржа концертот, ги собра аплаузите, ги воодушеви велешани, кои се надеваат дека до следниот нивен настап нема да чекаат 25 години, како што беше случај со последниот.
Tweet |