Петар Печков
Објавено: четврток, 20 септември 2012
Тричлена европска делегација предводена од Ричард Ховит, член на Европскиот парламент и известувач за Република Македонија при Комисијата за надворешни работи на Европарламентот придружуван од Алесандро Фрукасети заменик постојан претставник на УНДП Во Македонија и Тони Поповски координатор за децентрализацијата и локални иницијативи за развој на УНДП-сектор за добро управување, денеска остварија средба со градоначалникот на Општина Велес Горан Петров и со претставници на бизнис секторот и невладините организации.
Ховит по средбите изјави дека е информиран за економските проблеми со кои општина Велес се соочува во изминатите години како резултат на економската криза. Тој потенцира дека е импресиониран од обидите кои се прават за креирање нови работни места и враќање на просперитетот и привлекувањето инвеститори, но и од текот на процесот на децентрализација.
Вашата општина е една од првите во Македонија кои имаат меѓународни партнери за соработка и тоа е битно во процесот на пристапување кон ЕУ, истакна Ховит.
Општина Велес е еден од поуспешните примери во процесот на децентрализација пред се во областа на меѓународната соработка, рече Горан Петров, градоначалник на Велес.
Заменик постојан претставник на УНДП во Македонија, Фракасети потенцира дека се задоволни од досегашниот процес на децентрализацијата и оти во иднина ќе продолжат во рамки на нивните можности да ги поддржуваат проектите кои ќе бидат во интерес на граѓаните.
Тричлената европска делегација за време на работната посета на Велес го разгледа и Граѓанскиот сервис центар на општината и се запозна одблиску со неговиот процес на работа кој е наменет да им помогне на граѓаните и да даде отчетност и отвореност на општината.
Tweet |