Петар Печков
Објавено: петок, 28 август 2020
Рано утрово изгоре дел од млекарницата „Милком“ во близина на Велес. Направена е значителна материјална штета, повредени при гаснењето на огнот нема. Пожарот избувнал околу 5 часот а е локализиран од страна на противпожарната единица во 10,30 ч.
Интервенирано е со две возила, на локализирање на пожарот работеа шест пожарникари од Велес. Побарана е помош од колегите од Неготино и цистерна од ЈКП Дервен. Огнот е појавен кај котларата, изгорен е кровот. Со интервенцијата на пожарникарите не дозволивме пожарот да се прошири во останатиот дел од млекарницата - изјави Љупчо Лепидовски, командир на ТППЕ Велес.
Млекарницата „Милком„ е најголемиот производител на млечни преработки во поширокиот велешки регион. Но пожарот нема да остави трага во снабдувањето на граѓаните, најавува сопственикот Ангел Николов.
Магацинскиот простор не е зафатен од огнот и производите освен, течниот програм, ќе го има на пазарот. Огнот се појави кај котларата и ја зафана кровната конструкција. Производните погони не се зафатени, тие се подалеку. Неколку дена ќе треба да го расчистиме просторот. Имаме обврска кон млекарите за откуп и продолжуваме со работа, го решивме просторот со друга млекарница. Недела дена нема да има течен асортиман, другото ќе биде дистрибуирано на пазарот -изјави Николов за ТрМр.
Од СВР Велес соопштија дека нивна екипа извршила увид по што ќе биде позната причината, како и висината на материјалната штета.
фото архива
Tweet |