Петар Печков
Објавено: понеделник, 08 октомври 2012
Во голем пожар кој синоќа го зафати манастирот Св. Богородица близу селото Согле, велешко до темел изгореа старите конаци а пожарникарите со големи напори успеале да ја спасат новата зграда која беше осветена пред два месеци, како и црквата стара два века. Огнот е регистриран околу 21,30 во неделата вечер а е локализиран утрово во 8 часот. Во гаснењето учествувале две возила на противпожарната единица од Велес, едно од доброволното друштво во чашка и едно возило цистерна на ЈКП Дервен.
Со големи напори на пожарникарите успеано е да се спаси новата зграда на манастирот, додека старите дрвени изгореа до темел. Тоа е околу 300 метри квадратни површина. Како можна причина, првичните проценки се дека е дефект на електричната инсталација – изјави Љупчо Лепидовски командир на ППЕ од Велес. Црквата Св. Богородица која е во кругот на манастирскиот комплекс е изградена 1836-та година.
Повардарската Епархија при МПЦ ги известува верниците и граѓаните дека доколку сакате да помогнете, односно да учествувате во обновата на стариот конак од манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ од с. Согле истото можете да го сторите на жиро -сметката на МПЦ-Повардарска православна епархија во НЛБ Тутунска банка бр: 210040688821322, со цел на дознака: за обнова на стариот конак во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ - с. Согле, или да се обратите за информации во седиштето на МПЦ-Повардарска православна епархија на ул. „Ѓоре Органџиев“ бб - Велес или да нé контактирате на телефон 043/ 221 - 231.
Tweet |