Петар Печков
Објавено: вторник, 16 април 2024
Иако уште пред една година, април лани, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави дека ќе се гради нов мост на реката Вардар, кај Башино село, работите не се поместени од најава. Според министерот Бочварски причина било што досега распишаните два повици за проект за нов мост, не биле успешни.
„Проектната програма од страна на ЈП Државни патишта и Градежен факултет е направена. Имаше два обида за тендерска постапка, кои за жал беа неуспешни, за изработка на проект за нов мост. Сега сме пред распишување на третата јавна набавка за избор на проектант кој ќе го проектира тој нов мост. Согласно градежните норми и стандарди, потребно е да имаме техничка документација па потоа да се распише тендер за избор на изведувач кој ќе го гради мостот“ кажа Бочварски одговарајќи на новинарско прашање, при посетата на Велес.
Според проценките на професорите од Градежен факулет, предвидено е изградбата на новиот мост да биде со мало изместување на трасата на постојниот патен правец Велес –Башино Село, со цел избеге остриот свиок пред постоечкиот мост.
Стручњаците уште во сепетмеври 2018 година по извршените испитувања констатирале дека столбовите на мостот се напукнати, носечката арматура е сериозно оштетена од корозија со годините, одводнувањето на мостовската конструкција, асфалтниот слој предизвикува вертикални динамички влијанија врз мостовската конструкција.
Постојниот мост на Вардар кај Башино село е стар 53 години, изграден од ЈНА во 1971 година како времен, во должина од 101 м. Тој е армирано бетонски полумонтажен тип. Преку него се одвива сообраќајот на тешки возила и камиони, кои сообраќаат до индустриската зона на Велес, но и за регионот на Азот од каде се носи сечена дрвена маса и камен од бројните каменоломи. Доколку се случи некакво ошетување на мостот на Вардар кај Башино село и тој биде неупотреблив, истите овие тешки возила ќе мора да минуваат низ центарот на Велес.
фото архива ТрМр
Tweet |